Музичка вечер – концерт на Елена Андоновска „Од Македонија во туѓина“ посветен на Васка Илиева

Македонската народна песна повторно ќе заживее во својот најавтентичен сјај на летната сцена на градскиот плоштад во Крива Паланка.

На 28 јули 2026 година, познатата македонска етно-фолк пејачка Елена Андоновска ќе го одржи својот солистички концерт „Од Македонија во туѓина“, музички спектакл посветен на доајенот на македонската народна песна –Васка Илиева. Публиката ќе има можност да ужива во внимателно осмислена концертна програма, во која Андоновска ќе ги изведе најубавите, најемотивните и најпознатите песни од богатиот репертоар на Васка Илиева. Секоја композиција ќе биде потсетник на богатото македонско музичко наследство и на вредностите што со генерации се пренесуваат преку народната песна.

Концертот„Од Македонија во туѓина“ не е само музичка вечер, туку проект со силна културна и национална порака – да се зачува, негува и афирмира македонската традиција, да се оддаде заслужена почит на една од најголемите музички легенди и да се поттикнат новите генерации да ја продолжат љубовта кон народната песна.

Публиката ќе биде дел од вечер исполнета со емоции, спомени и гордост.

Општина Крива Паланка ги поканува сите љубители на македонската народна музика да бидат дел од овој уникатен музички настан и заедно да ѝ оддадат почит на легендата чие творештво претставува едно од најголемите богатства на македонската музичка традиција.