Во рамките на програмата на „Кривопаланечко културно лето 2026“, Општина Крива Паланка, организира уште една музичка вечер исполнета со автентични звуци и емоции инспирирани од богато македонско музичко наследство.
На 21 јули (вторник), со почеток во 20:30 часот, на Летната сцена на Градскиот плоштад ќе настапи Сашко Митев – познат македонски инструменталист на кавал, гајда и зурла, вокален изведувач и поранешен член на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“.
Неговото музичко творештво, длабоко инспирирано од македонскиот фолклор, преку автентичниот звук и оригиналната интерпретација, ја пренесува убавината на традицијата и духот на народната музика.
Ве очекува вечер исполнета со музика што допира до срцето, со звуци што ги поврзуваат генерациите и создаваат незаборавна атмосфера под летното небо.





