Општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски, годинава беа домаќини на традиционалната меѓународна погранична средба „Краиште“, манифестација што со децении ги поврзува луѓето од пограничните региони на С. Македонија, Србија и Бугарија, негувајќи ги добрососедството, традицијата и меѓусебната почит.
Градоначалникот Сашко Митовски, заедно со своите колеги градоначалници од соседните општини Босилеград и Ќустендил, претставници на локалните самоуправи, како и голем број жители на овие општини и иселеници, кои потекнуваат од овие краишта, ја потврдија важноста на долгогодишната соработка и добрососедските односи што оваа манифестација успешно ги негува.
Трилатералната средба уште еднаш потврди дека вистинските вредности се градат преку непосредните човечки контакти, пријателските разговори, заедничката песна, народното оро и соработката што трае со години.
Бројните посетители имаа можност да проследат и богата културно-уметничка програма и воедно да бидат дел од манифестација, која ги надминува административните граници и ги поврзува луѓето преку заедничката традиција и културно наследство.
Во духот на „Петровден“ – средбата на „Краиште“ и оваа година испрати силна порака, дека пријателството, почитта и традицијата имаат најголема вредност кога ги обединуваат луѓето.
Општина Крива Паланка останува посветена на зачувувањето и поддршката на манифестациите што ги афирмираат меѓусебното разбирање и регионалната соработка, како и богатото културното наследство, како темели за заедничка иднина исполнета со доверба, почит и пријателство.




