По повод 21 Јуни – Светскиот ден на јогата, се реализираше настан во рамки на Програмата за еднакви можности за 2026 година на Општина Крива Паланка, преку активноста „Промовирање на ментално здравје, психолошка стабилност и социјално зајакнување кај жените и мажите“.
Настанот се одржа во спортската сала „Партизан“ при ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ и обедини околу 30 учесници, кои преку јога практика и техники за релаксација имаа можност да придонесат кон своето ментално и физичко здравје.
Учесниците беа од различни возрасни групи, испраќајќи силна порака дека јогата и грижата за менталното здравје се подеднакво важни и достапни за сите генерации.
Преку стручно воден јога час, присутните се запознаа со техники за правилно дишење, релаксација, подобрување на концентрацијата и развивање на телесната свесност. Активноста беше насочена кон подигнување на свеста за важноста на психофизичкиот баланс, намалувањето на стресот и поттикнувањето здрави животни навики.
Општина Крива Паланка останува посветена на спроведување активности што придонесуваат за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните, промоција на менталното здравје и создавање заедница која ја препознава важноста на благосостојбата, личниот развој и активниот животен стил.









