По официјалната посета на збратимената општина Грос-Цимерн во Сојузна Република Германија, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со делегација на општината, престојуваше во Сребреник, Босна и Херцеговина, по повод одбележувањето на Денот на градот.
Во рамки на посетата, градоначалникот Митовски присуствуваше на свечената академија на која упати честитки до раководството и граѓаните на Сребреник, посакувајќи им понатамошен развој, напредок и благосостојба.
Во своето обраќање, Митовски ја истакна важноста на долгогодишното пријателство и соработка меѓу Крива Паланка и Сребреник, нагласувајќи дека врските меѓу двата града се изградени врз меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство.
„Особено сум горд што Крива Паланка има искрен пријател во Сребреник, а Сребреник свој пријател во Македонија. Нашето пријателство започна преку македонската песна, а денес претставува пример за успешна соработка меѓу две локални заедници и два пријателски народа“, истакна Митовски.
Посетата претставува уште една потврда за заложбите на Општина Крива Паланка за развој и унапредување на меѓународната соработка, размена на искуства и продлабочување на партнерствата со пријателските градови ширум Европа.
Општина Крива Паланка упатува искрени честитки до граѓаните на Сребреник по повод Денот на градот и желби за уште поголем успех и просперитет во годините што следат.




