Во рамки на проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ (БГМК0200027), денес во Крива Паланка беше извршен увид во тековните градежни активности за унапредување на културната инфраструктура и развој на нови туристички содржини, по што беше одржана и заедничка прес-конференција со партнерите во проектот.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски заедно со преставниците од Мнистерството за локална самоуправа и партнерите во проектот, ја посетија локацијата, каде се реализираше активноста за создавање дополнителен музејски простор за културни и едукативни активности – летен амфитеатар, во ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Станува збор за европски проект што се реализира во рамки на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија, во партнерство меѓу Регионалниот историски музеј од Ќустендил, Историски музеј од Дупница, ЛУ Градски музеј Крива Паланка и Здружение „Пеонија“ од Кратово, со цел преку дигитализација, иновации и заеднички културни активности да се зголеми видливоста и искористеноста на културното наследство за развој на одржлив туризам во регионот.
На прес-конференцијата беа презентирани досегашните резултати од проектот, како и идните активности кои вклучуваат унапредување на културната инфраструктура, промоција на локалното наследство и создавање нови туристички производи. Во рамки на проектот веќе е спроведено мапирање и евидентирање на туристичките потенцијали во регионот, со цел нивно обединување под заеднички препознатлив бренд кој ќе ги поврзе локалните угостители, туристички оператори и културни институции.
Во рамки на проектот, предвидено е усвојување на заеднички културен календар и систематизација на културната понуда во прекуграничниот регион, што ќе овозможи подобра промоција на традициите, културните настани и туристичките атракции во текот на целата година.
Градоначалникот Сашко Митовски истакна дека инвестициите во културата и културното наследство се подеднакво важни како и инвестициите во комуналната инфраструктура, бидејќи тие го градат идентитетот на заедницата и создаваат нови можности за развој.
„Со уредувањето на дворот на Градскиот музеј и создавањето на музеј на отворено во Градец создаваме нови простори каде што ќе се среќаваат културата, образованието и туризмот. Ова се инвестиции што оставаат трајни вредности и придонесуваат за афирмација на богатото културно наследство на Крива Паланка и регионот“, истакна градоначалникот Митовски пред присутните.
Тој потенцираше дека Општина Крива Паланка останува пример за успешно искористување на европските фондови и меѓународната соработка, потсетувајќи дека општината неодамна беше препознаена и наградена од Делегацијата на Европската Унија, како една од водечките општини во државата во користењето на средства од ИПА програмите.
Во моментов, Општина Крива Паланка реализира проекти во рамки на европските програми за прекугранична соработка – со Бугарија, Србија и Косово, преку кои во изминатиот период беа реализирани повеќе значајни инфраструктурни и туристички проекти, меѓу кои уредувањето на урбаниот парк кај зградите „Единство“, Адреналинскиот парк на Калин Камен, првата фаза од пешачката патека „Бабин Дол“ и уредувањето на просторот кај старото училиште во село Градец.
Проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ“ претставува уште еден пример за успешна европска соработка, која преку културата создава нови можности за локален развој, туристичка промоција и поврзување на заедниците од двете страни на границата, оставајќи трајни придобивки за граѓаните и идните генерации.




