Во Крива Паланка достоинствено  одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарите

Со свечена смотра, показни вежби и бројни активности, во Крива Паланка достоинствено беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарите, во чест на храбрите и пожртвувани припадници на Територијалната противпожарна единица – Крива Паланка.

Во присуство на граѓани, ученици, пензионирани пожарникари, гости и членови на Советот на Општина Крива Паланка, пожарникарите ја демонстрираа својата подготвеност, професионалност и стручност преку показни вежби за гасење пожар и ракување со противпожарна опрема.

На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој упати искрени честитки и благодарност до сите пожарникари, истакнувајќи дека нивната храброст, пожртвуваност и несебичност, се од непроценливо значење за безбедноста на граѓаните и заштитата на градот.

„Нивната пожртвуваност, истрајност и посветеност особено дојдоа до израз во борбата со огнената стихија што ја зафати Крива Паланка, кога ден и ноќ беа на терен, борејќи се со пламените јазици и штитејќи ги граѓаните, домовите и природните богатства“,  истакна градоначалникот Митовски.

Градоначалникот нагласи дека особена гордост претставува фактот што токму на Денот на пожарникарите беше обезбедена значајна поддршка за единицата преку донации, како значаен гест на почит и благодарност кон луѓето кои секогаш се први кога е најтешко.

Во рамки на настанот, беа доделени повеќе донации за унапредување на условите за работа на пожарникарите. Преку поддршка од општествено одговорни компании и поединци, за Територијалната противпожарна единица беа обезбедени пожарникарски заштитни чизми, тактички очила, заштитени шлемови, како и работна облека и маици за припадниците на единицата. Овие донации претставуваат значајна поддршка и признание за пожртвуваноста и секојдневната посветеност на пожарникарите.

Од Територијалната противпожарна единица – Крива Паланка истакнаа дека ваквата поддршка претставува силен мотив и признание за нивната секојдневна работа и пожртвуваност.

Денот на пожарникарите беше одбележан со пораки на благодарност, почит и длабок наклон кон луѓето кои секојдневно се соочуваат со предизвиците и опасностите за да спасуваат човечки животи и материјални добра.

 

Големина на фонт
Контраст