Во атмосфера исполнета со радост, емоции и гордост, Општина Крива Паланка и СОУ „Ѓорче Петров“ свечено ја испратија генерацијата матуранти 2022–2026, генерација која зад себе остава значајни средношколски спомени, пријателства и успеси, а пред себе носи нови соништа, предизвици и животни патишта.
Вкупно 154 матуранти од гимназиското и стручното образование, денес достоинствено продефилираа низ главната улица и градскиот плоштад, разубавувајќи го градот со својата младост, насмевки, енергија и свеченост. Дефилето, кое 4-та година по ред се организира во Општина Крива Паланка, уште еднаш покажа дека матурската прослава не е само забава, туку важен животен момент што засекогаш останува во сеќавањата.
Во организација на СОУ „Ѓорче Патров“ и Општина Крива Паланка, во училишниот двор беше организирана пригодна свеченост, на која матурантите беа поздравени од градоначалникот Сашко Митовски и директорката на училиштето, Елена Ѓорѓиевска. Во духот на традицијата, градоначалникот им подари торта на матурантите и им упати пораки за храброст, истрајност и верба во сопствените способности.
– Денес пред нас стои генерација со талент, зрелост, сила и потенцијал. Генерација што не го следи времето, туку го создава. Вашите чекори, идеи и соништа се иднината на нашето општество. Верувам дека многумина од вас ќе станат нова гордост на Крива Паланка, но најважно од сѐ е да останете добри луѓе, чесни, свои и достоинствени, порача градоначалникот Митовски, честитајќи им ја матурата.
Тој истакна дека вложувањето во младите останува еден од врвните приоритети на локалната самоуправа, потсетувајќи дека и оваа година, сите матуранти добија еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка, како симболичен придонес во пресрет на матурската прослава.
Директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Елена Ѓорѓиевска, им го честита завршувањето на средното образование на матурантите и им посака многу успех, убави спомени и сигурни чекори кон иднината.
– Ова се денови што засекогаш остануваат во срцето на секој човек. Денови кога завршува едно убаво животно поглавје, а започнува ново. Ви посакувам храброст, мудрост и многу среќа на секој нареден пат, им порача Ѓорѓиевска на матурантите.
По свеченоста во гимназијата, забавата продолжи на градскиот плоштад, каде матурантите заедно со своите професори, родители, пријатели и сограѓани го прославија крајот на едно од најубавите животни поглавја на овие млади луѓе.




