По 3.000 денари за секој матурант – Општина Крива Паланка четврта година по ред со поддршка за младите

Општина Крива Паланка и оваа година обезбеди финансиска поддршка за сите матуранти од СОУ „Ѓорче Петров“, при што на сметките на учениците денес беа исплатени по 3.000 денари како симболичен придонес во пресрет на матурските прослави и одбележувањето на еден од најзначајните моменти во нивниот живот.

Мерката се реализира четврта година по ред и претставува дел од континуираните активности и политики на локалната самоуправа насочени кон поддршка на младите и создавање подобри услови за нивен развој, напредок и активно учество во заедницата.

Со оваа симболична, но значајна поддршка, Општина Крива Паланка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон младите генерации, испраќајќи порака дека во фокусот на работата, политиките и конкретните мерки на општината, младите се на прво место. Крива Паланка е општина – пријател на младите, општина што вложува во младите, нивната иднина и квалитетот на животот, зошто токму нивниот успех, труд и животни достигнувања се важни за иднината на целата заедница.

Поддршката за матурантите е дел од пошироките мерки и политики што Општина Крива Паланка ги реализира за младите и  нивните семејствата, меѓу кои се субвенции за набавка на дигитални уреди и велосипеди, еднократна парична помош за новороденчиња, субвенции за детска опрема, вложувања во спортска, образовна и детска инфраструктура, како и финансиска поддршка за спортските клубови и сл.

Матурата претставува посебен и емотивен момент за секој млад човек, симбол на завршување на едно важно животно поглавје и почеток на нови предизвици, соништа и можности. Токму затоа, ваквите мерки имаат дополнителна вредност – да покажат дека младите ја имаат поддршката од својот град и локална заедница во важните мигови од нивниот живот.

Општина Крива Паланка, упатува искрени честитки  успешно завршеното средно образование до сите матуранти, со желби за многу успех, самодоверба и убави спомени од матурските денови што ќе ги паметат цел живот.

Големина на фонт
Контраст