Успешно реализирана шестата еколошка акција „Генералка Викенд“ во Крива Паланка

Општина Крива Паланка и годинава успешно ја реализираше традиционалната еколошка акција „Генералка Викенд“, која по шести пат обедини голем број институции, организации, ученици, волонтери и граѓани во заедничка мисија за почиста и поуредена животна средина.

Во акцијата учествуваа околу 390 учесници, кои спроведоа активности за чистење на близу 30 локации низ градот и околината, меѓу кои јавни површини, излезни патишта, речни корита, спортско-рекреативни центри, излетнички места и други простори.

Покрај теренските активности, во општинските училишта беа реализирани и специјални еко-часови, како и практични активности за селекција и правилно одлагање на различни видови отпад, со што дополнително се подигнува еколошката свест кај младите генерации.

Во рамки на акцијата беа собрани вкупно 153 вреќи мешан отпад и 35 вреќи селектиран отпад, што претставува значителен придонес кон зачувување на чистата и здрава животна средина во општината.

Во „Генералка Викенд“ активно се вклучија вработените од Локалната самоуправа, ЈП „Комуналец“, Општинската организација на Црвен крст, Детската градинка „Детелинка“, основните училишта „Илинден“ и „Св. Јоаким Крчовски“, СОУ „Ѓорче Петров“, Националната установа Центар за култура, ТППЕ Крива Паланка, ЗГ „Спасител“, Извидничкиот одред „Наум Наумовски-Борче“, Центарот за активно стареење, Здружението на пензионери и други организации и граѓани.

Од Општина Крива Паланка упатуваат искрена благодарност до сите учесници кои со својата ангажираност, посветеност и општествена одговорност придонесоа за успешна реализација на оваа голема еколошка акција.

„Генералка Викенд“ уште еднаш покажа дека кога постои заедничка волја, организација и грижа за средината во која живееме, можат да се постигнат видливи и значајни промени за целата заедница. Општина Крива Паланка продолжува да ја негува и развива еколошката свест, со јасна определба за чист, уреден и одржлив град за сегашните и идните генерации.

Големина на фонт
Контраст