Започна финалната фаза од уредувањето на кејот во Крива Паланка

Во Општина Крива Паланка започнаа градежните активности за изградба и уредување на мајор корито на Крива Река, во рамки на деловите 1 и 4, со што се реализираат последните две фази од севкупниот проект за регулација и уредување на кејот.

Станува збор за значајна инфраструктурна инвестиција во вредност од 27,8 милиони денари (со вклучен ДДВ), за која средствата се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку јавниот повик на Владата за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти на Општините.

Со реализацијата на оваа фаза се предвидува изградба на нови пешачки и велосипедски патеки, уредување на плоштадски површини и зони за одмор, поставување дрвени перголи и пешачки мостови, како и подигнување зелени и декоративни површини со современа урбана опрема. Целта е да се заокружи просторот на кејот На Крива Река во функционална, естетска и современа целина, достапна за сите граѓани.

Изведувач на работите е градежната компанија ДГУТ „Цвет Компани“ ДООЕЛ од Скопје.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека уредувањето на Крива Река претставува континуитет на една долгорочна визија за развој на градот:

„Крива Река не е само простор, туку дел од нашето секојдневие и од колективната меморија на градот. Во изминатиот период вложувавме со јасна визија и посветеност, враќајќи му ја убавината и достоинството што ги заслужува.“

Тој додаде дека денес уредениот кеј е еден од најпрепознатливите симболи на Крива Паланка, но и дека развојот продолжува:

„Го започнуваме новото поглавје во уредувањето на мајор корито на Крива Река – простор што не само што ќе се гледа, туку ќе се живее секојдневно, природно и со радост.“

Проектот претставува дел од пошироката стратегија за урбан развој на општината, насочена кон создавање современа, уредена и квалитетна животна средина за сите генерации.

Со вакви инвестиции, Општина Крива Паланка, чекор по чекор продолжува да го гради својот урбан лик, како град што се развива одговорно, со визија и грижа за иднината.

Големина на фонт
Контраст