Во духот на смеата, креативноста и детската фантазија, денес во Крива Паланка беше успешно реализиран одложениот традиционален настан „Првоаприлски маскенбал“, организиран од Општина Крива Паланка по повод Денот на шегата – 1 Април.
Настанот започна со шарено и разиграно дефиле на најмладите учесници, кое тргна од Автобуската станица и се движеше по главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ до Градскиот плоштад, каде продолжи централната програма. Градот беше исполнет со детска смеа, бои и позитивна енергија, претворајќи се во вистинска сцена на радост и креативност.
Во маскенбалот учествуваа околу 800 деца – ученици од ООУ „Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“, вклучително и подрачните паралелки, како и дечињата од детската градинка „Детелинка“. Вкупно беа претставени 37 групни маски, како и три дополнителни групи со индивидуални маски од градинката, при што учесниците заедно со нивните наставници-ментори, се истакнаа со исклучителна креативност, оригиналност и труд вложен во изработката на маските.
Програмата на плоштадот опфати ревијално претставување на маските, избор на најуспешните креации и интересна културно-забавна содржина, надополнета со музичка забава. Посебен придонес за веселата атмосфера даде и настапот на DJ Боно, кој ја разигра најмладата публика и посетителите.
Во рамки на настанот беа доделени награди и признанија во повеќе категории: најкреативна, најзабавна, најпаланечка, најпролетна, најпрвоаприлска и најмасовна маска. За сите наградени се предвидени соодветни награди, а за сите учесници беа обезбедени пакетчиња со освежување.
Настанот уште еднаш ја потврди важноста на ваквите иницијативи кои ја поттикнуваат детската креативност, заедништвото и активното учество во јавниот живот. Преку смеа, игра и фантазија, најмладите испратија силна порака дека токму тие се двигатели на радоста и топлината во заедницата.
Општина Крива Паланка изразува благодарност до сите учесници, наставници, родители и соработници кои придонесоа за успешна реализација на овој весел настан, со надеж дека ваквите убави традиции ќе продолжат и во иднина, создавајќи нови спомени исполнети со детска магија.




