Делегација од Советот на Општина Крива Паланка, заедно со раководители и претставници од кабинетот на градоначалникот, денес оствари значајна работна средба со претставници на Општина Ќустендил, на која беа разгледани можностите за продлабочување на меѓуопштинската соработка и воспоставување долгорочно партнерство меѓу двата града.
Во фокусот на разговорите беа иницијативите за подготовка и потпишување Меморандум за соработка, како и започнување постапка за официјално збратимување на општините Крива Паланка и Ќустендил – чекор што треба да придонесе за зајакнување на добрососедските односи и отворање нови перспективи за заеднички развој.
На средбата свое обраќање имаа градоначалниците на двете општини, како и претседателите на Советите на Општина Крива Паланка и Општина Ќустендил, кои ја нагласија важноста од институционална соработка и градење стабилни партнерства на локално ниво.
Обраќајќи се пред присутните, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека ваквите иницијативи се важен чекор кон градење вистинско добрососедство и заедничка европска перспектива.
„Денешниот ден претставува повеќе од административен настан. Тој е израз на политичка зрелост и искрена подготвеност границите да не ги гледаме како линии на разделба, туку како простори на поврзување, развој и заедничка перспектива. Локалната самоуправа може да биде вистински темел и двигател на добрососедството, стабилноста и европската соработка“, истакна Митовски.
Тој нагласи дека партнерството меѓу двата града ќе се гради преку конкретни заеднички активности и проекти во повеќе области, меѓу кои економскиот развој, инфраструктурата, културата, образованието, туризмот и прекуграничните иницијативи.
Средбата се одвиваше во пријателска и конструктивна атмосфера, во духот на меѓусебно почитување и отвореност за соработка. Претставниците на Општина Крива Паланка упатија искрена благодарност до градоначалникот на Ќустендил, Огњан Атанасов, и неговиот тим за топлото гостопримство и подготвеноста за заедничка работа.
Со ваквите иницијативи, Крива Паланка и Ќустендил поставуваат основа за посилно партнерство меѓу двете локални заедници и за нови заеднички проекти што ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните од двете страни на границата.




