Успешно реализирана традиционалната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“

Во дворот на црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, со голема свеченост и народна радост се одржа 16-тото издание на традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“, која од година во година прераснува во значаен симбол на зачувување на нематеријалното културно наследство во општина Крива Паланка.

Манифестацијата и оваа година привлече голем број граѓани – жители на Крива Паланка, како и с. Конопница, како и гости од околните места, кои заеднички уживаа во богатата програма и во духот на вековната традиција.

Централно место во манифестацијата имаа вкупно 16 снаи и свекрви, облечени во автентични народни носии, кои со достоинство и гордост го продолжија обичајот што ја симболизира почитта во семејството, меѓусебното разбирање и заедништвото меѓу генерациите.

Манифестацијата се реализира во организација на РЗР „Патник“, а под покровителство на Општина Крива Паланка, која континуирано ја поддржува и ја афирмира како препознатлива културна вредност и туристички белег на регионот.

Празничната атмосфера беше дополнително збогатена со музичката програма на Адријана Алачки и бендот „Синтезис“, чии настапи внесоа радост, енергија и традиционален дух меѓу присутните.

Со ова издание, „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“ уште еднаш ја потврди својата улога како мост меѓу минатото и сегашноста, негувајќи ги обичаите, семејните вредности и културниот идентитет на македонскиот народ.

 

Големина на фонт
Контраст