Во рамки на проектот на Европската Унија „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад“, Општина Крива Паланка спроведе едукативна кампања и практична активност за правилно постапување со зелениот отпад. Активноста е дел од Регионалната програма и кампања за подигање на јавната свест за управување со различните видови отпад во нашиот плански регион.
Проектот има за цел да ја подигне јавната свест, да промовира одржливи практики и да иницира позитивни промени во навиките на граѓаните во делот на управувањето со отпадот.
Во рамки на денешната активност, дечињата од предучилишна возраст од Детската градинка „Детелинка“ (објекти 1 и 2), како и учениците од најниските одделенија при ООУ „Илинден“, упатија силна порака до возрасните и преку практичен пример покажаа како правилно се постапува со зелениот отпад.
Тие посочија дека зелениот отпад кој потекнува од градини, бавчи, тревници, цветни површини и саксии не треба да се фрла во контејнерите за комунален отпад, ниту да се остава покрај нив, туку треба да се компостира – институционално и во домашни услови.
Зелениот отпад (лисја, косена трева, стебла од цвеќиња, исушени растенија, остатоци од градинарски зеленчук и слично) треба да се одлага во соодветни биокомпостери или во ископани јами во дворните места, градините и бавчите. Со неговото природно биоразградување се создава компост – природно ѓубриво
кое го подобрува квалитетот на почвата и повторно може да се користи за одгледување растенија.
Со компостирање:
• ја заштитуваме животната средина,
• заштедуваме средства,
• ја подобруваме почвата и квалитетот на земјоделските и украсните површини.
Во рамки на оваа еколошка активност, за училиштата беа обезбедени едукативни материјали и соодветни „зелени биокомпостери“, во кои ќе се одлага зелениот отпад од училишните дворови и ќе се создава хумус за нивно одржување.
Доаѓа време кога навистина треба да ги промениме нашите навики во однос на отпадот.
„Нас не ни е тешко – ние сме спремни“, порачаа најмладите, покажувајќи дека токму тие се двигатели на позитивните промени во нашата заедница.




