Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон – жив обичај што ја раскажува душата на кривопланчани

Општина Крива Паланка ги започна подготовките за реализација на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2026“, настан што веќе со години претставува еден од најавтентичните симболи на нематеријалното културно наследство на кривопаланечкиот крај.

Манифестацијата ќе се одржи во недела, на 1 март 2026 година, во црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, каде традицијата, верата и народниот дух се спојуваат во единствен постсвадбен обичај, кој оваа година ќе се реализира по 16-ти пат.

Право на учество имаат сите снаи кои склучиле брак помеѓу две Тодорови саботи, заедно со своите свекрви, облечени во автентични народни носии – сцена што ја оживува вековната приказна за семејството, почитта и заедништвото во македонската традиција.

Се очекува манифестацијата и годинава да привлече голем број посетители и добронамерници, кои со посебно внимание го следат развојот на овој уникатен културен настан, што успешно се пренесува од генерација на генерација.

„Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“ се реализира под покровителство на Општина Крива Паланка, во организација на Здружението за рурален развој РЗР „Патник“, со поддршка од Месната заедница на с. Конопница, Центарот за култура и Градскиот музеј Крива Паланка, со јасна цел – зачувување, негување и промоција на нематеријалното културно наследство на регионот.

Општина Крива Паланка упатува отворен повик до граѓаните да присуствуваат и заеднички да го одбележат овој значаен културен настан, кој претставува жив симбол на традиционалните вредности и локалниот идентитет.

Посебен повик е упатен до младите снаи и свекрви, чие активно учество и присуство претставува клучен придонес за продолжување и живеење на оваа ретка и автентична традиција.

Црква „Св. Теодор Тирон“, с. Конопница – Крива Паланка
Недела, 1 март 2026 година
13:00 часот

Големина на фонт
Контраст