Општина Крива Паланка ја продолжува континуираната грижа за своите највозрасни сограѓани, преку потпишување два значајни договори со Министерството за социјална политика, демографија и млади и соработка со Општинската организација на Црвен крст – Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес ги потпиша двата значајни договори со Министерството за социјална политика, демографија и млади, со што се обезбедува континуитет на две суштински социјални услуги кои директно го подобруваат квалитетот на животот на повозрасните и лицата на кои им е потребна секојдневна поддршка.
Првата услуга, „Помош и нега во домашни услови“, обезбедува сигурна, навремена и достапна грижа во домашна средина за вкупно 100 корисници, преку ангажман на 40 обучени негуватели, со поддршка од двајца координатори. За реализација на оваа услуга се обезбедени средства во износ од 18.323.200 денари, со што се овозможува достоинствено стареење и поддршка за лицата над 65 години и нивните семејства.
Вториот договор се однесува на услугата „Центар за дневен престој на стари лица – активно стареење“, која секојдневно ја користат 50 повозрасни лица. Центарот претставува современ простор за социјализација, активности и активно поминување на денот, со што значително се подобрува психо-социјалната благосостојба и чувството на припадност кај корисниците.
За оваа услуга се издвоени 6.058.800 денари, а во нејзината реализација, исто така, се ангажирани двајца координатори.
Центарот за дневен престој беше официјално отворен во август 2023 година, како модерен одговор на потребите на највозрасната категорија граѓани, со вкупна вредност од 5,7 милиони денари, обезбедени преку проект за подобрување на социјални услуги, со кофинансирање од Општина Крива Паланка.
Градоначалникот Митовски нагласи дека Општина Крива Паланка е меѓу општините што системски и стратешки пристапуваат кон социјалната заштита, со формиран Локален совет за социјална заштита и усвоен социјален план, како и со повеќегодишна успешна соработка со Црвениот крст. Тој потсети дека веќе трета година успешно функционира Нега центарот при ОО Црвен крст, кој обезбедува услуги за голем број на корисници, со постојано проширување на кадарот и капацитетите.
Стареењето е привилегија, а дневниот центар е место кое го менува секојдневието и животот на повозрасните, нудејќи им дружење, поддршка и чувство на заедништво.
Со овие активности, Општина Крива Паланка уште еднаш се позиционира како општина која вложува во достоинствено стареење, социјална сигурност и човечка грижа, обезбедувајќи квалитетни, достапни и одржливи социјални услуги за своите највозрасни сограѓани.




