Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска во својот кабинет оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Н.Е. Жељазко Радуков, и градоначалникот на Општина Ќустендил, Огњан Атанасов, при што беше потврдена заедничката определба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на меѓуопштинската соработка.
Средбата помина во духот на отворен дијалог, заемна почит и јасна визија за градење стабилни партнерства што ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните од двете страни на границата. Градоначалникот Митовски истакна дека денешната средба претставува значаен чекор напред и силна порака дека со искрена волја и добра намера може да се градат трајни мостови на пријателство и соработка.
„Овој ден го потврдува фактот дека искрената соработка и добрата волја создаваат мостови што траат со поколенија. Со почит кон минатото, одговорност кон сегашноста и силна верба во иднината, заедно можеме да градиме ново и подобро време за нашите два народа“, нагласи Митовски.
Во своето обраќање, градоначалникот изрази искрена и јавна благодарност до градот Ќустендил, до Република Бугарија и до бугарскиот народ за несебичната помош и поддршка за време на пожарите што минатото лето го зафатија централното градско подрачје на Крива Паланка, потенцирајќи дека таа подадена рака, хуманост и покажаната солидарност ќе останат трајно врежани во колективната меморија на градот.
Посебна благодарност беше упатена до градоначалникот Огњан Атанасов и до амбасадорот Радуков за нивната континуирана поддршка, активен ангажман и посветеност на јакнењето на пријателските и добрососедските односи меѓу двете земји и локалните заедници.
На средбата беа договорени и конкретни идни чекори, меѓу кои потпишување Меморандум за соработка во повеќе области од заемен интерес, како и организирање заедничка седница на советите на Општина Крива Паланка и Општина Ќустендил, на која ќе бидат дефинирани моделите, формите и насоките за понатамошна соработка.
„Имаме јасна визија и цврста волја, овде под Осоговските Планини, заеднички да создаваме одржливи и подобри услови за живот, развој и напредок. Верувам дека ова е почеток на едно ново поглавје што ќе донесе конкретни резултати и вистински придобивки за граѓаните од двете страни на границата“, порача градоначалникот Митовски.
Пријателската средбата се одвиваше во насока на значаен поттик за натамошно зајакнување на регионалната соработка и како позитивен пример за тоа дека заедништвото, разбирањето и партнерството се темел на стабилна и просперитетна иднина.




