Општина Крива Паланка, како корисник во проектот „Урбани поплави“, кој се имплементира во партнерство со ФИНКИ – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје и Центарот за управување со знаења од Скопје, заедно со уште осум партнери од АДРИОН регионот, во рамки на Интеррег АДРИОН програмата, активно учествува во процесот на остварување на целите и резултатите на проектот.
Како еден од резултатите на проектот, инсталиран е сензор за рана детекција на поплави на Крива Река, поставен на пешачкиот Градечки мост. Во рамки на проектот е развиена и е-платформа преку која може да се следат протокот, нивото и брзината на водата, а линк до платформата е достапен и на официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка: https://www.krivapalanka.gov.mk/hidroloshki-podatotsi-na-kriva-reka
Преку оваа алатка, граѓаните и надлежните институции имаат можност во реално време да го следат моменталниот проток, нивото и брзината на водата на Крива Река и навремено да преземат превентивни мерки за заштита од поплави. Истовремено, овие податоци можат да се користат и при планирање и проектирање на мерки од комуналната и урбанистичката област.




