Храброст и хуманост: Младите од Крива Паланка ја донираа наградата од Водици на деветчлено семејство

Денес, во кабинетот на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, беа пречекани младите момчиња – учесници во годинашното фаќање на светиот крст по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, меѓу кои и најсреќниот, Наум Додевски, кој го извлече крстот од студените води на Крива Река.

Средбата беше исполнета со искрена радост и гордост, но и со силна порака за хуманост и солидарност. Имено, младите момчиња донесоа заедничка одлука – добиената награда од настанот да ја донираат на седумчленото семејство Димитровски, покажувајќи дека вистинската големина на човекот се мери не само со храброст, туку и со добрина, емпатија и грижа за другите.

Овој гест е силен доказ дека во младата генерација на Крива Паланка живее и се развива вистинскиот дух на заедништво, солидарност и меѓусебна поддршка – вредности што го крепат општеството и ја градат иднината.

Градоначалникот Сашко Митовски со особена радост ги поздрави младите момчиња, упатувајќи искрена благодарност и почит за нивниот хуман подвиг, реализиран токму во деновите на големиот христијански празник Богојавление – Водици, кога пораките за вера, надеж и човекољубие имаат особена тежина.

Нивниот чин претставува вистинска инспирација и потсетник дека храброста и добрината секогаш одат рака под рака, а Крива Паланка со право може да се гордее со своите млади сограѓани.

Големина на фонт
Контраст