Со свечена бадникова манифестација „Коледе леде“, Општина Крива Паланка на 6 јануари ја одбележа традиционалната прослава по повод Бадник – денот што го најавува Христовото раѓање и еден од најзначајните празници во православниот христијански календар.
Настанот беше збогатен со бадникова поворка во која учествуваа околу 300 деца од двете основни училишта во Крива Паланка, заедно со членови на културно-уметничките друштва. Со носење божиќни ѕвезди и изведба на традиционални бадникови и божиќни песни, најмладите испратија силна порака за негување на духовното наследство и пренесување на празничните вредности на идните генерации.
Во рамки на манифестацијата беше одржана и пригодна уметничка програма со бадникови и божиќни песни, во изведба на ученици под менторство на проф. Лариса Жулина Митовски, со што празничната атмосфера доби и свечена културна димензија.
Посебно место во програмата имаше традиционалниот избор и предавање на бадникарското кумство – обред што симболично ја продолжува духовната традиција и ја пренесува пораката на здравје, среќа и благосостојба. Во таа насока беше организирано и делење бадникови лепчиња со паричка, како дел од народните обичаи поврзани со празникот Бадник.
Манифестацијата имаше и хуманитарен карактер. За посетителите,од страна на Општината беше организирана и подготвена традиционална бадникова трпеза, како и празнични пакетчиња со овошје и слатки кои се продаваа по симболични цени, а собраните средства се наменети за поддршка на матуранти од семејства во социјален ризик.
Со организација на вакви настани се афирмираат традицијата, заедништвото и семејните вредности, зошто бадниковата прослава претставува важен сегмент од културниот и духовниот идентитет на локалната заедница и пошироко. Општина Крива Паланка изразува голема благодарност до сите учесници и граѓани, кои со своето присуство придонесоа за достоинствено одбележување на празникот Бадник, во пресрет на Божиќ.




