Општина Крива Паланка и годинава ја организира традиционалната бадникова прослава „Коледе леде“, која ќе се одржи во вторник, на 6 јануари 2026 година, на Градскиот плоштад, по повод големиот христијански празник Бадник – денот што го најавува Христовото раѓање.
Манифестацијата ќе започне во 11:30 часот со свечена бадникова поворка од плоштадот „Карпошово востание“, во која ќе учествуваат над 200 деца од двете основни училишта во Крива Паланка, како и членови на културно-уметничките друштва. Носејќи божиќни ѕвезди и пеејќи бадникови и божиќни песни, поворката ќе продефилира низ централното градско подрачје и ќе пристигне на Градскиот плоштад околу 11:45 часот.
По пристигнувањето следува кратка свечена програма и концерт со бадникови и божиќни песни во изведба на ученици, под раководство на проф. Лариса Жулина Митовски, со што ќе продолжи заедничката прослава во празничен и семеен дух.
Во рамки на настанот, во согласност со вековната традиција, ќе се изврши и избор и предавање на бадникарското кумство – симболичен и значаен обред кој ја носи пораката на радост, среќа и благосостојба. Од 12:00 часот ќе се врши и делење бадникови лепчиња со паричка, од страна на годинашната кума на прославата, која минатата година ја имала среќата да ја пронајде паричката на централната бадникова манифестација во градот.
За сите присутни граѓани ќе биде подготвена традиционална бадникова трпеза, како и пакетчиња со овошје и слатки кои ќе се продаваат по симболични цени, а собраните средства ќе бидат наменети за поддршка на матуранти од семејства во социјален ризик.
„Бадниковата прослава е време кога се обединуваме како заедница, разменуваме радост и убави желби и создаваме спомени што нè греат во текот на целата година. Овој празник ги слави традицијата, семејните вредности и заедништвото на сите граѓани“, порачуваат од Општина Крива Паланка.
Општина Крива Паланка ги поканува сите граѓани да присуствуваат на бадниковата прослава и заеднички, со радост и празнична атмосфера, да го одбележат Бадник – во пресрет на најголемиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ.





