Градскиот плоштад во Крива Паланка синоќа беше сцена на искрена детска радост, смеа и празнична возбуда. Под светлината на новогодишните украси и во атмосфера исполнета со очекување, градот го доживеа еден од најемотивните и највпечатливи моменти од годинашниот Новогодишен базар – традиционалното и долгоочекувано пристигнување на Дедо Мраз.
Оваа година, моментот доби посебна бајковита димензија. Дедо Мраз пристигна во свечено украсена кочија, како да излезе директно од страниците на детските приказни, предизвикувајќи воодушевување кај најмладите и насмевки кај сите присутни. Токму тој миг, кога кочијата се појави на плоштадот, ја разбуди детската фантазија и го претвори просторот во вистинска празнична сцена од соништата.
Како и секоја година, спектаклот беше збогатен со весела поворка од омилените маскоти, жонглери и цртани ликови, кои го исполнија градот со смеа и радост. Посебна уметничка нота на настанот дадоа балерините од Модно студио „Магија“ – Крива Паланка, чија елеганција и грациозни движења внесоа дополнителна празнична убавина во целокупната атмосфера и секако, прекрасниот настап на нашите „Распеани Симитчиња“.
Со пристигнувањето на долгоочекуваниот Дедо Мраз, плоштадот одекнуваше од аплаузи и смеа, а срцата на најмалите се исполнија со радост и возбуда. Настанот уште еднаш потврди дека Крива Паланка знае да ги негува традициите и да создава моменти кои се паметат и се прераскажуваат.
Со вакво бајковито и свечено финале, Крива Паланка со насмевка ја испрати старата и со надеж ја пречека Новата 2026 година, испраќајќи порака за радост, заедништво и празничен дух.




