Во организација на Општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски, се одржа традиционалниот новогодишен коктел со соработниците, пријателите и вработените во општината, како симболичен чин на благодарност, почит и зацврстување на партнерските односи во локалната заедница.
На новогодишниот прием присуствуваа претставници на бизнис-заедницата, граѓански здруженија и организации, државни и локални институции, образовни и културни установи, пензионерски здруженија, медиуми, како и бројни други соработници и активни чинители во општествениот живот на Крива Паланка.
Во своето пригодно обраќање, градоначалникот Сашко Митовски упати искрени празнични честитки и желби за здравје, среќа и успех, истакнувајќи ја важноста на меѓусебното разбирање, довербата и континуираната соработка во интерес на сите граѓани.
Тој упати и благодарност до сите присутни за нивниот досегашен ангажман и придонес во унапредувањето и развојот на општината, нагласувајќи дека заедничката работа и партнерскиот пристап се клучни за создавање посилна и поуспешна Крива Паланка.
Настанот помина во пријатна и свечена атмосфера, исполнета со духот на пријателството, соработката и заедништвото, со заедничка порака и надеж дека 2026 година ќе биде уште поуспешна и просперитетна година за Крива Паланка и нејзините граѓани.




