Во духот на традицијата и со искрената почит кон трудот и посветеноста, денес во својот кабинет градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги додели признанијата за најуспешните и најпосветените работници од различни области за 2025 година.
Признанијата им беа доделени на поединци, кои со својата професионалност, одговорност и несебичен ангажман секојдневно придонесуваат за безбедноста, здравјето, благосостојбата и квалитетот на живот во локалната заедница. Наградените се препознаени и признаени, како вистински примери за посветена работа, хуманост и општествена одговорност.
За најуспешен пожарникар од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка е награден Марио Митровски, за најуспешен полициски службеник од Полициската станица Крива Паланка признанието му беше доделено на Дејан Илиевски, додека за најуспешен комунален работник од ЈП „Комуналец“ е награден Невзат Незиров.
Признанието за најуспешен здравствен работник му припадна на д-р Весна Милошевска од ЈЗУ Здравствен дом „Академик проф. д-р Димитар Арсов“ – Крива Паланка. За најуспешен негувател-ка од ОЈУ Детската градинка „Детелинка“ е наградена Јагода Петковска, а за најуспешен земјоделец за 2025 година признанието го доби Страшко Николовски.
Овие признанија се израз на длабока благодарност и почит за нивната пожртвуваност и висок степен на одговорност, како и за значајниот придонес што го даваат во областа на безбедноста на граѓаните, здравствената и социјалната заштита, одржувањето на јавната хигиена, грижата за најмладите и развојот на локалната економија.
Градоначалникот Митовски упати искрени честитки до сите наградени, нагласувајќи дека нивниот труд и професионален пристап претставуваат силна инспирација и мотивација за целата заедница. Токму ваквите примери, како што беше истакнато, се темел за градење посилно, похумано и поодговорно локално општество.
Општина Крива Паланка и во иднина ќе продолжи да го вреднува и поддржува трудот на поединците, кои со својата работа оставаат позитивен и траен белег во заедницата.
Честитки и голема почит до сите наградени, кои со својата посветеност, одговорност, професионалност и несебичност секојдневно го градат квалитетот на живот во локалната заедница.







