Третиот ден од Новогодишниот базар во Крива Паланка помина во знакот на радоста, детската насмевка и празничната заедничка енергија, носејќи богата дневна и вечерна забавна програма за сите генерации.
Програмата започна со дневна содржина наменета за најмладите посетители. Во рамки на базарот беше организирана изложба на талентирани ученици од основните училишта ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, ООУ „Илинден“, како и од гимназијата СОУ „Ѓорче Петров“, кои преку своите креативни изработки ја збогатија празничната атмосфера и ја покажаа младинската уметничка енергија на градот.
Најмладите особено уживаа во разиграната програма со аниматори од омилените цртани филмови, ди-џеј за деца, кловнови, жонглери и новогодишна театарска претстава, исполнета со смеа, игра и многу празнична магија.
Вечерната програма донесе одлична забава и музичка еуфорија, со настап на Пајак и Лара, по што следуваше концерт на Бени Нон Стоп, кој со својата изведба создаде одлична атмосфера и ја заокружи празничната вечер во центарот на градот.
Во бајковитата Крива Паланка, празничниот дух повторно се почувствува со сета своја сила. Овие заеднички мигови на сплотеност, радост и дружење се уште една потврда дека градот знае да слави, да се радува и да ја споделува празничната магија со сите генерации.
Новогодишниот базар продолжува да биде место каде што се создаваат убави спомени, се негува заедништвото и се слави празничниот дух, кој ќе продолжи да нè грее и во деновите што следуваат.




