На денешната седница на Советот на Општина Крива Паланка беше едногласно усвоен Локалниот Еколошки Акционен План (ЛЕАП) за периодот 2025–2030 година.
ЛЕАП претставува највисок стратешки документ за заштита, планирање и унапредување на животната средина на ниво на единици на локална самоуправа. Овој документ е од особено значење за општината, особено ако се има предвид дека претходниот ЛЕАП беше донесен во 2004 година.
Изработката на новиот ЛЕАП произлегува од потребите на граѓаните за чиста и здрава животна средина, но и од законските обврски согласно Законот за животна средина и Законот за локална самоуправа.
Во рамки на Планот е подготвен детален Акциски план со 97 мерки кои Општина Крива Паланка ќе треба да ги реализира во следните шест години, со цел подобра заштита на животната средина и одржлив развој на општината.
Визија на ЛЕАП 2025–2030
Општина Крива Паланка да стане општина со:
• високо развиена инфраструктура и одржлива мобилност,
• зелен и еколошки чист урбан простор,
• паметни решенија адаптирани на климатските промени,
• ефикасно управување со отпадот,
• статус на посакувана еко-туристичка дестинација.
Со донесувањето на овој документ, Општина Крива Паланка поставува цврсти основи за поодржлива и поздрава животна средина во годините што следат.




