Успешно реализиран општинскиот крос-натпревар, учествуваа 270 млади 

Околу 270 млади, основци и средношколци, учествуваа на денешниот “Младински маратон на вештини 2023” што се одржа низ главната улица во нашиот град. Настанот традиционално го организира Општина Крива Паланка, а годинава беше поддржан од Европската куќа Крива Паланка во прилог на одбележување на 9 Мај-Денот на Европа.

Учениците ги покажаа своите спортски  вештини во повеќе возрасни категории, а на најуспешните градоначалникот Сашко Митовски, им додели медали и дипломи од општината и упати честитки за сите победници во трката.

-За младите и спортот реализираме многу проекти, носиме мерки за поддршка и во младите инвестираме како никогаш досега: за само една година изградени се четири спортски терени во градот, фитнес зона на отворено, за првпат финансиски ги поддржавме преку буџетот на општината спортските клубови, а за спорт издвоивме три милиони денари. Воведовме еднократна парична помош од 3000 денари за сите матуранти од СОУ “Ѓорче Петров”, субвенционирана набавка на електронски уреди за струденти, субвенции за набавка на нов велосипед за млади од 15-29 години, отпочнува реконструкција на спортското игралиште во с.Мождивњак, финишира изградба на спортски терен во ПОУ “Илинден”, с.Конопница, следува уредување на спортскиот терен во ООУ “Ј.Крчовски”- зграда Партизан, ќе се уреди теренот на ООУ “Илинден “- централен објект, а наскоро нова содржина ќе се гради на спортскиот комплекс , ПАМП-патека за велосипеди, одобрен е проектот за надополнување на спортската понуда на Општина Крива Паланка за сите љубители на спортот, така што општина Крива Паланка навистина се грижи и вложува многу во спортот и младите, изјави Митовски.

Победниците во трките добија награди и од Национална агенцијата за Европски образовни програми и мобилност што им ги врачи директорот, Марко Ѓоргиевски.

– Многу ми е драго што сум денес тука во Крива Паланка и навистина ме радува фактот што општината навистина се грижи за младите и вложува во спортот, во спортската инфраструктура и ги поддржува младите луѓе. Ние како национална агенција преку Еразмус програмата имаме одлична соработка со училиштата, општините и сакам да посочам дека Агенцијата годинава реализира уште една програма за сите спортски работници, така што, сите што имаат интерес можат да аплицираат, рече Ѓоргиевски.

Големина на фонт
Контраст