Општина Крива Паланка подготви буџет во консултација со граѓаните со високи 68% прифатени предлози од форумскиот процес

Денес во салата на Советот на општина Крива Паланка, се одржа четвртата Форумска сесија од  родово одговорниот буџетски форум за подготовка на буџетот за 2023 година.

На оваа форумска сесија беа презентирани севкупните резултати, предлозите и препораките  на граѓаните, произлезени од овогодинешниот родово одговорен буџетскиот форумски процес.

Во текот на форумските сесии, од страна на присутните граѓани беа дадени вкупно 88 предлози, од кои 3 предлога не се во надлежност на општината, а 6 предлога се повторуваа од повеќето работни групи. Од останатите 79 предлога, општината прифати 48 издржани и реални проекти, кои денес беа приоретизирани од страна на форумот.

Форумот воедно направи и приоретизација на вкупно 13 оперативни буџетски програми.

Градоначалникот Сашко Митовски ги поздрави присутните граѓани и во оваа прилика изјави:

-„Вашето учество во форумот и придонесот кон заедничкото креирање на општинскиот буџет за 2023 година е многу значајно, зашто низ форумскиот процес сите заедно креираме буџет по мерка на граѓаните, кој е прилагоден на потребите на сите жители на Крива Паланка, на сите возрасни групи лица и пред сѐ, е родово -одговорен буџет.

На сите овие форумски сесии транспарентно, одговорно и посветено беа разгледани, детално и стратешките развојни приоритети на општината и низ процесот на предлагање ваши сугестии и конкретни чекори и активности, а денес  успешно го заокруживме  реализираниот буџетски форум, кој креира буџет, кој стремиме да одговори токму на вашите потреби.

Препораките и предлозите што ги достави форумот до мене како градоначалник и до општината, ќе бидат земени предвид и ќе работиме во текот на следната календарска година, на изнаоѓање начини за нивно решавање и реализација. Затоа, како резултат на форумскиот процес, Општината прифати и ќе реализира високи 68% од предлозите на граѓаните, зошто ние сме локална власт, која единствено носи одлуки согласно потребите на граѓаните.

Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до оперативната група од Општината што беше тука за да ги образложи и презентира буџетските средства и општинските програми за развој за наредната година. Благодарност до Лидија Митовска и тимот вработени во Општина Крива Паланка кои Ве водеа низ целиот форумски циклус и придонесоа за транспарентно, отчетно и инклузивно практикување на локална власт преку форумот, кој овозможи директно граѓанско учество во одлучувачките процеси во локалната заедница.

Продолжуваме за работиме и да градиме подобра иднина за сите, за еднакви можности на жените и мажите од сите возрасти, продолжуваме заедно да работиме за поубава Крива Паланка за идните генерации, рече Митовски.

Во октомври-ноември, идната година, за кога е предвидена петата (последователна) сесија, Општината треба да даде отчет за реализација на граѓанските предлози и приоритети,произлезени од форумскиот процес.

Големина на фонт
Контраст