Одбележани петнаесет години постоење на Градскиот музеј Крива Паланка

На пригодна свеченост на која беа доделени признанија, плакети и благодарници на бројни соработници, Градскиот музеј Крива Паланка ја прослави петнаесет годишнината од своето основање.

На свеченоста се зборуваше за основањето, растот и развојот на оваа установа, која денес претставува вистинска ризница на културно, историско, етнолошко, археолошко и уметничко богатство на Крива Паланка, препознатливо во регионот, државата и пошироко.

Во развојот на локалната установа -Градски музеј Крива Паланка е вграден трудот и ентузијазмот на многу соработници, подддржувачи и волонтери од Општината, но благодарение на упорноста и огромната професионалност и посветеност на Драган Величковски, директор на оваа установа, денес имаме современа културна институција со изградени капацитети на која и оддаваат почит многу регионални и национални установи.

– Низ сите претходни години бевме соочени со бројни предизвици во упорното настојување за реформи во системот, за да локалните музеи  го добијат  местото што го заслужуваат и затоа сега,  по петнаесет години континуирана работа и ентузијазам, задоволни сме од се што имаме направено за зачувување на културното наследство и развојот на културата.  А, кога се работи со љубов и со желба да се остави зад себе дело, вредно за граѓаните и институциите, тогаш доаѓаат и успесите и резултатите. Горди сме што успеавме да создадеме мрежа на соработници со кои заедно работиме на унапредување на музејската дејност во локалните заедници“, истакна директорот на музејот Драган Величковски.

 

Големина на фонт
Контраст