Ново урбано детско катче во градскиот парк во Крива Паланка

Во центарот на Крива Паланка, во новиот градски парк поставено е ново урбано детско катче со реквизити за игра и забава на најмладите жители на општината. Игралиштето е изградено со средства од донацијата на амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија.

– Поставувањето на ваква содржина беше повеќе од потребно, а мора да напоменам дека мојата изборна програма предвидува изградба и поставување на детски катчиња во повеќе населби во градот, не само во централното градско подрачје. Инвестицијата за ова прво од ваков вид детско игралиште во градот беше експресно реализирана благодарение на добрата воља и добрата соработка што локалната самоуправа на Општина Крива Паланка ја негува во континуитет со Амбасадата на Народна Република Кина и средствата што ги издвоија од околу десет илјади евра, за што упатувам огромна благодарност од мое име и од име на моите сограѓани.

Денес веднаш по поставувањето, игралиштето беше преполно со дечиња. Нека ова детско игралиште биде сведок на многу детски насмевки и чувар на убави спомени, а ние сѐ што правиме и ќе правиме во иднина е со љубов за Крива Паланка, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Митовски најави дека Крива Паланка ќе добие повеќе детски урбани катчиња и многу нови зелени површини, уредени цветни локации, за убав и достоинствен живот на сите, за убаво и пријатно чувство тука, во родниот град.

– Ќе поддржиме проекти од интерес на младите, ќе вложуваме во воспитно-образовните институции, во спортот. Ќе поддржиме сѐ што ќе ги унапреди генерациите што доаѓаат, за да бидат што повеќе спремни за да ги носат новите текови на општествените случувања, дополни Митовски.

Големина на фонт
Контраст