Примопредавање на градоначалничката функција во Крива Паланка

Претседателката на Општинската изборна комисија на Крива Паланка,  денес  го врачи уверението на новоизбраниот градоначалник Сашко Митовски.

Митовски во своето обраќање изрази голема благодарност до граѓаните кои го поддржаа, како и до општинската администрација и досегашниот градоначалник за успесите кои ги постигнаа во изминатите четири години.

-Нема поголема чест да се служи од срце и искрено на граѓаните на Крива Паланка. Свесен за целокупниот товар и голем предизвик кој стои пред мене денес,  ја барам поддршката на секој еден од вас,  да се ставиме во функција и служба на граѓаните на Крива Паланка и да направиме се за нивно добро, истакна Митовски во своето обраќање пред присутните.

Досегашниот градоначалник Мицевски му го честиташе изборот на новиот градоначалник Сашко Митовски посакувајќи му успешна работа.

– Работев посветено, и како градоначалник се трудев да дадам свој максимум за доброто на граѓаните. Сметам дека направив многу за општина Крива Паланка и очекувам новиот градоначалник да го продолжи тој пат. Чест и задоволство беше да се работи со сите вас, изјави Мицевски.

Тој нагласи дека остава финансиски стабилна општина како резултат на домаќинско, одговорно и чесно работење на сите во општината.

На свеченоста на градоначалникот Митовски симболично му беше врачен и општинскиот клуч.

По добивањето на уверението, во градоначалничкиот кабинет беше направено примопредавање на печатите и пописната листа со што Сашко Митовски и официјално стапува на функцијата градоначалник на општина Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст