Општина Крива Паланка е добитник на плакета за особен придонес во пензионерското организирање

Општина Крива Паланка е добитник на плакета за особен придонес во пензионерското организирање од Здружението на пензионери од Крива Паланка и Ранковце по повод одбележувањето на 75 години од организираното делување на Сојузот на здруженија на пензионери.

На настанот на кој покрај членовите на здружението присуствуваше и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова, се обрати градоначалникот Борјанчо Мицевски. Тој  ја истакна досегашната соработка на Општината и пензионерите, која секогаш е во насока на унапредување на квалитетот на живеење на највозрасната категорија граѓани, која го вгради својот работен век во иднината на локалната заедница и на државата.

– Во оваа свечена прилика ќе кажам дека ова се 75 години во кои се вткаени труд, работно искуство, љубов и државност, затоа што вие ја градевте државата со своите раце, со својот труд, а денес сте повторно столбот на општеството, затоа што со вашите пензии неретко сте и столбот на семејството и успевате да ја задржите семејната хармонија, љубовта и она што се нарекува пример за едно здраво семејство. За сето она што го даддовте и сеуште го давате во изградбата на денешнато современо општество, ви изразувам огромна благодарност од мое лично име и од име на Општина Крива Паланка, изјави градоначалникот Мицевски.

Здружението на пензионери од Крива Паланка и Ранковце брои околу 2300 членови и е едно од најактивните здруженија кое низ годините покажало видни резултати со бројни признанија, пофалби и награди.

 

Големина на фонт
Контраст