Свечено пуштен во употреба новиот градски плоштад во Крива Паланка

По цели 50 години Крива Паланка доби нов градски плоштад, инвестиција вредна 785.000 евра.

Целосно редизајнираниот нов Градски плоштад  во Крива Паланка, свечено беше пуштен во употреба во присуство на бројни гости и претставници од Владата, градоначалници од соседните општини и од пограничните градови од Србија.

Вкупна инвестиција за овој капитален проект изнесува околу 48 милиони денари, обезбедени опреку Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2) од ЕУ, со кофинансирање на Владата, а финансиските средства се менаџирани од Канцеларијата на Светска банка во Република Северна Македонија. Општина Крива Паланка, пак, учествува со средства во висина од околу 6,6 милиони денари.

Проектот, насловен како Крива Паланка-Источна порта на Европа- туристичка фестивалска атракција, опфаќа целосно редизајнирање на постоечкиот плоштад, со отворени сцени, амфитеатар, поврзување со кејот на Крива Река, зелени и урбани површини и други објекти.

-Сите ние остануваме посветени на градот на двете реки, на заштитникот Свети Јоаким Осоговски,  да биде гордоста на секој граѓанин, да остане во срцето и душата на секој кривопаланчанин. Крива Паланка е град со големо минато, култура и традиција, централна точка на Коридорот 8.  Генерации луѓе во изминатите векови, давале печат на градот под Осоговието. Чаршијата, занаетите, трговијата, приказните и преданијата, легендите…сведочат за тоа со колку љубов го граделе и се вложувале во него.

Историјата на Крива Паланка не чини горди, истовремено не обврзува да продолжиме во континуитет и на идните генерации да им оставиме град достоинствен за живот. Искрено се надевам дека овој објект ќе остане да сведочи низ вековите за нашето минато и историја и нашата сегашност и иднина и да биде мост за  соработка со нашите соседи и источна порта кон нашите европски пријатели, рече градоначалникот Мицевски, кој обраќањето на свеченоста го заврши со мислата: Раководењето на општината не претставува пронаоѓање на  пат кон личен успех, туку пат кој води кон позитивни промени, европски дух и развој, силна верба и визија за подобар живот и пат кон соверемена и модерна Крива Паланка.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, во чиј ресор спаѓа финансисрањето на сите 57 потпроекти, во кој спаѓа и тој на Крива Паланка го сподели историјатот на одобрувањето на фаинсисрањето на оваа проектна идеја.

Битиќи најави дека во Крива Паланка ќе бидат финанинсирани уште 3 проекти од ТАВ програмата со цел создавање на ште подобри услови на граѓаните.

-Во Крива Паланка ќе бидат реализирани уште три одобрени проекти, кои се финансирани со средствата од Владата, од таканаречената ТАВ Програма, со вкупен буџет од 29,6 милиони денари, или околу 480 илјади евра, а истите вклучуваат реконструкција и изградба на локални патишта во рамките на општината, со што значително ќе се подобри инфраструктурата на истата, рече Битиќи.

Вицепремиерот за економски прашања ја истакна мерка воведена од оваа влада, со која се поттикнува рамномерен економски развој за сите инвестиции што се надвор од Скопје. Конкретно за инвестициите што ќе се реализират во Северо-источниот регион,  се одвојува  за 60% поголема економска поддршка.

Никогаш до сега, во овие 50 години, Владата, централниот буџет, не вложиле во овој регион како сега, рече на свеченоста вицепремиерот Љупчо Николовски,

-Овој плоштад му дава европски лик на градот и ќе биде место каде што не само жителите на Крива Паланка, туку и домашните и странските посетители ќе имаат можност да го посетат и да уживаат. Ова говори за одговорноста и оправданоста на сите коишто се заложија за овој историски проект за Крива Паланка. Ова е само еден од многуте проекти, што ги реализиравме и се гордост за градот, за жителите, проекти кои се значајни заради унапредување на културниот развој и социјалниот живот.После 40 години се рехабилитира регионалниот пат Крива Паланка кон Огут којшто завршува овие денови и од Крива Паланка до Луке. Завршена е рехабилитацијата на регионалниот пат Ранковце – Крива Паланка во должина од 21 километар и тоа беше првиот проект на којшто се фокусиравме. Завршен е уште еден, еден од најлошите патиштата тоа е Узем-Тораница. Во полна пареа е изградбата на експресниот пат едната делница од Крива Паланка до Ранковце, и во финална фаза е и другиот лот од изградбата. Се гради интензивно и третата лента од патот Крива Паланка до Деве Баир, а непречено се одвива и реконструкцијата на магистралниот пат Куманово – Страцин, рече Николовски.

Директорката на проектот Антонија Шишак, соопшти дека ПЛРК е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Големина на фонт
Контраст