Промовирано капитално дело за образованието и просветата во Крива Паланка од д-р Јордан Михајловски

Општина Крива Паланка во соработка со ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, вчера,  во прекрасниот амбиент на манстирот „Св. Јоаким Осоговски“ свечено ја промовираше книгата „ИСТОРИЈА НА ОБРАЗОВАНИЕТО И ПРОСВЕТАТА ВО КРИВА ПАЛАНКА“ од д-р Јордан Михајловски, истакнат културен деец и публицист од Крива Паланка.

Во ова капитално дело се собрани цели 180 години од почетокот на образованието во Крива Паланка, па се до современите текови и образовни  процеси.

„Делото со право го носи предзнакот историја, бидејќи е макропроект, работен со пасионирана посветеност на д-р Михајловски, кој објективно тврди дека мал број на градови имаат систематизирано сведоштво за образованието и просветата од нејзините иницијални почетоци. Духовната рамка на кривопаланечкиот простор се потпира на три сусштински елементи: првото ќелијно училиште во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, просветата и преродбата преку делото на Јоаким Крчовски кој творел на овие простори и образованието и просветата проследени низ период од изминатите 200 години“, истакна промоторот и рецензент на делото Маја Јакимовска Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература.

Делото е резултат на 20-годишен труд и истражување на Михајловски, кој сака оваа книга да живее и да се сочуваат процесите и луѓето кои оставиле белег во образованието во Крива Паланка.

„Се трудев да го прикажам 200-годишниот интелектуален и духовен напор на плејада дејци, револуционери, учители и ученици, кои оставиле белег во образованието и школството. Делото се вклопува во одбележувањето на 10 века од првото житие на Св. Јоаким Осоговски, 170 години од возобновувањето на Големата Соборна црква, 130 години од првото предучилишно образование и 60 години од гимназиското образование“, посочи авторот Михајловски.

Издавач на ова капитално дело е Општина Крива Паланка, а градоначалникот Борјанчо Мицевски во своето обраќање истакна дека собирањето и сублимирањето на толку многу факти е стимул за понатамошен образовен развој , но и уште поактивна научно-истражувачка дејност. Општината ја препознава и поддржува потребата од документирање и издавање на пишан материјал со што се остава траен белег како сведоштво за нашето опстојување и развој.

Со издавањето и промовирањето на ова значајно дело Крива Паланка го одбележа јубелојот од 180 години од првото народно училиште во градот Крива Паланка (1841-2021).

Општина Крива Паланка и локалните установи во Крива Паланка долги години наназад успешно одржуваат соработка со скоро сите јавни научни установи во државата, при што од оваа соработка произлегоа вредни резултати како што се печатење на заеднички изданија, организирање на заеднички теренски истражувања, организирање и реализирање на заеднички научни конференции и симпозиуми.

 

 

 

 

Големина на фонт
Контраст