Градоначалникот Мицевски оствари средба со Натали Велеска од „ArchX Studio“, победници на Креативниот Бизнис Куп

Градоначалникот Борјанчо Мицевски оствари средба со Натали Велеска, претставник на ArchX Studio, кое со победа на Креативниот Бизнис Куп оствари пласман на меѓународната конференција BRIGHT Копенхаген 2021 како претставник на РС Македонија.

Креативниот Бизнис Куп е натпревар за старт-апи од креативни индустрии, организиран од страна на SmartUp-Social innovation lab. По седумдневни припреми, обуки од домашни и странски претприемачи и професори од повеќе области, избраните десет финалисти во првата селекција се натпреваруваа во финалето кое се одржа на 21.05.2021 година.

Секој од проектите беше оценет од петчлено жири, во состав на успешни бизнисмени и професори по економија од земјата и странство.

За победник на натпреварот беше избран тимот на ArchX Studio, со проектот за EnergyBOX – outdoor work hub.

Концептот е катче за работа кое може да се постави на јавна површина, со интернет конекција и приклучок за електронски уреди. EnergyBOX е енергетски ефикасен (работи на соларна енергија), лесно пристапен за лица со хендикеп, модуларен, лесно-монтажен и достапен и со софтверска инфраструктура. Проблемот на кој што се фокусира дизајнот е недостатокот на простори на јавни површини каде што ќе може да се работи, да се полнат електрични уреди, да се има стабилна интернет конекција и да се добијат информации преку апликацијата. Со ова решение се оплеменуваат јавните простори и се оди во насока на паметни градови.

ArchX Studio е во состав на архитектите Натали Велеска и Ален Цветковски, и младите архитекти Сара Велеска и Андреј Цветковски.

 

Големина на фонт
Контраст