Во акцијата „Генералка викенд“ расчистени 34 локации во Крива Паланка

Во вчерашната акција „Генералка викенд-Чисто како дома исто“, што се реализираше во Крива Паланка, целосно се расчистени 34 локации и собрани се огромни количини отпад.

Во акцијата учествуваа над 300 граѓани, претставници на институции, училишта, спортски и културни здруженија, јавни претпријатија, локални установи и општинска администрација, поделени во 50 различни групи. На четири различни пункта учесниците беа опслужени од 24 волонтери „Сончеви пионери“.

-Ова е една од најмасовните еколошки акции спроведени во општина Крива Паланка, собрани се само 4-5 тони стакло, и уште огромни количини на пластика, лименки и друг отпад. Горди сме што голем број граѓани, институции и и здруженија покажаа висока свест и одговорност за животната средина и масовно се вклучија во акцијата,  истакна раководителот на Одделението за инспекциски надзор, Бранко Велиновски.

Иницијаторите и организатори на „Генералка викенд“, Man and Mountain, се презадоволни од организацијата и спроведувањето на акцијата.

-Благодарни сме на општина Крива Паланка што вложила огромни напори за беспрекорно организирање на оваа еколошка акција. Резултатите се повеќе од видливи и навистина е се чисто како дома исто, изјавија Гордана Манасијеска и Ханес Јаецкл од Man and Mountain .

Собраниот отпад ЈКП „Комуналец“ од Крива Паланка, со своите работни тимови, возила и механизација, го трапсортира до соодветните места.

Man and Mountain ја реализираше акцијата „Генералка викенд“ со поддршка на ПАКОМАК, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделие и шумарство, 10 општини, училишта и локални поддржувачи, професионални и аматерски спортски клубови и Делегацијата на Европската Унија.

 

Големина на фонт
Контраст