Во Kрива Паланка одбележан Денот на Европа под мотото „Европска музичка поезија и сите бои на Европа“

Со голем број активности и пригодни манифестации Општина Крива Паланка и оваа година  се приклучи во одбележувањето на 9 Мај-Денот на Европа, под мотото „Европска музичка поезија и сите бои на Европа“.

На плоштадот  „Карпошово востание“ и ЕУ инфо центарот (Europe House) се одржа ликовно- музички настан, на кој кривопаланчани и во отежнати услови на пандемија, почитувајќи ги ковид мерките,  ја  испратија својата честитка  и пораки по повод  Денот на Европа преку перото на младинското уметничко творештво од ликовниот клуб при Центарот за култура во Крива Паланка и СОУ „Ѓорче Петров“, под менторство на проф. Роберт Цветковски и музичките точки на учениците од музичкото училиште при ООУ „Јоаким Крчовски“  под менторство на проф. Лариса Жулина Митовски.  Младите ја испратија пораката за стремежот да се биде  дел од големото европското семејство, европскиот идентитет и  заложбата за заедништво на сите народи на стариот континент.

На настанот поздравно обраќање имаше  градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски,  кој истакна дека голема е честа да се обрати на Денот на Европа, особено во годината кога во соработка со Делегацијата на ЕУ во РС Македонија  го отворивме инфо центарот на  ЕУ во Крива Паланка (Europe House) како дел од големата мрежа на ЕУ инфо центри во светот.

– Во услови на пандемија, годинава Денот на Европа го одбележуваме скромно, според протоколите, а местото им го отстапуваме на младите кои се нашата европска иднина. Остануваме посветени на нашите европски цели и како општина вредно работиме на достигање на европските стандарди, истакна градоначалникот  Мицевски.

Градоначалникот од свое име и од име на граѓаните на Крива Паланка се заблагодари на подадената рака и на поддршката на патот кон ЕУ, при што истакна дека на патот под заедничкото европско небо не води идејата секој од нас да даде свој придонес за афирмација на највисоките европски вредности, мирот, просперитетот и стабилноста на еврпоскиот контитнент, како  и да се стремиме што поскоро да бидеме дел  од големото европско семејство, и истото да го направиме побогато и поквалитетно, а во сета таа глобализација да ги зачуваме својот идентитет и посебноста како македонски народ со цврста европска визија и определба.

На настанот му претходеше голема еколошка акција  „Генералка викенд“  и кампањата на ЕУ „Чисто како дома исто“.  Во акцијата учествуваа поголем број на граѓански здруженија, општинската администрација како и еколошките клубови од образовните институции, бизнис секторот  и многу други заинтересирани граѓани  кои се вклучија  во собирањето на  отпад од зелените површини и негово селектирање и предавање на определени  пунктови.

Прославата на Денот на Европа во Крива Паланка продолжува и  во следните  денови  со активности во образовните институции, општината и инфо центарот на ЕУ (Europe Houses)  во Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст