Се подобруваат условите за спортски активности во кривопаланечките училишта

Се подобруваат условите за спорт во основното училиште „Илинден“ и средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка.

Во тек се активности за реновирање на спортската сала во ООУ „Илинден“, при што ќе се изврши промена на подот со нова гумирана подлога, обнова на санитарните јазли, соблекувални и дограма. Во рамки на проектот ќе биде адаптиран пристап за лица со посебни потреби и изграден специјализиран тоалет.

Ова е прва поголема интервенција на спортската сала, после 50 години од нејзината изградба, а средствата во висина од околу 5.000.000 денари се обезбедени од сопствени извори на училиштето и од Министерството за образование и наука.

Во средното општинско училиште „Ѓорче Петров” во тек е  реконструкција на спортскиот терен кој ќе биде обложен со тартан подлога. Проектот се реализира со средства од буџетот на училиштето, а истиот е во висина од околу 7.5 милиони денари.

Реконструкцијата на овој терен се реализирана по повеќе од десет години, при што со овој проект ќе се изврши замена на целата ограда, руирнираната подлога ќе се реконструира и ќе се постави тартан, ќе бидат поставени рефлектори за користење на теренот и во вечерните часови, ќе се обноват реквизитите, а ќе се постави и пристапна рампа за лица со инвалидитет.

Минатата година е изградено и ново, современо игралиште за баскет во спортскиот терен на ученичкиот дом Боро Менков. Изградбата е финансирана од Агенцијата за млади и спорт со сума од околу 3.000.000 денари.

 

Големина на фонт
Контраст