Високопласирани места за кривопаланечките пијанисти на меѓународниот натпревар „Пијанофест 2020″

Младите пијанисти од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски” од Крива Паланка остварија високи достигнувања на вториот интернационален натпревар „Пијанофест 2020“, Битола. „Пијанофест” годинава брои 148 натпреварувачи од 19 држави од светот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Малта, Литванија, Црна Гора, Молдавија, Белорусија, Хрватска, Израел, САД, Романија, Словенија, Јужна Кореја и Косово, меѓу кои учествуваа шест пијанисти од Крива Паланка под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски.

– Шестмината ученици кои работат повеќе години на нивно усовршување на талентот за музика, се абмбициозни и вредни, за што говорат и нивните резултати. Но морам да нагласам дека сум горда на нив и исклучително задоволна што и во услови на пандемија кога сме на далечина и не сме во можност класично да ја реализираме наставата по музичко, со нижите одделенија се работи со физичко присуство, додека поголемите работат од далечина, сепак, работат дисциплинирано и посветено и постигнуваат резултати. На овој фестивал учествуваме вторпат, а годинава имаме три први места во предкатегорија за Меглена и Матеј Георгиеви и Дарија Пешовска, додека трета награда во прва т.е. втора категорија за Горјан Николовски, Сара Стојановска и Теодор Смиљков, изјави професорката Жулина-Митовски.

Натпреварот го организира здружението „Пијано”, чии основачи се пијанистките од Битола Јана Четелева Белевска и Марија Шамоска Буџаковски. Поради Ковид- 19 пандемијата натпреварот се одржа онлајн, а натпреварувачите ги оценуваше жири- комисија во состав: Даница Стојанова и Милица Шкариќ, РС Македонија, Петар Младеновиќ, Србија и Маргарита Вујовиќ, Русија.

Големина на фонт
Контраст