Завршија овогодишните археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“ во с. Градец

Во периодот од 15 октомври до 2 ноември 2020 во селото Градец, Кривопаланечко, се вршеа археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“ од страна на стручна екипа на ЛУ Градски Музеј Крива Паланка под раководство на археолог Цоне Крстевски. Во стручниот тим за овогодинешните истражувања покрај археолог Крстевски учествуваа и археолог Петар Стојчевски и архитект Иван Ризов како и десетина работници.

– Во оваа истражувачка кампања се работеше во квадратите Кв. А-6, Б-6, А-7, Б-7, А8 и Б-8, согласно дозволата за археолошки истражувања добиена од Управата за заштита на културното наследство. Според предвидениот опсег и динамика на работа, се истражуваа просториите и археолошките ситуации покрај северниот бедем во правец на запад од неговата внатрешна страна. Во овие квадрати бедемот е најдобро сочуван со најголема висина откриена досега. Во наведените квдарати се продолжи со истражувањето по метод на сукцесивни откопи кои претходно завршија со откоп број 5. Се ископаа дополнително во уште 3 до 5 откопи во зависност од квадратот. Притоа, се истражуваше хоризонтот од доцната антика и рановизантискиот период односно културните слоеви под рушевинскиот слој, како и сукцесивниот предисториски хоризонт кој следува под слоевите на доцната антика, односно слојот со темно сива боја каде во движниот археолошки материјал доминира фрагментирана садова керамика со предисториски карактеристики, информираа од ЛУ Градски Музеј Крива Паланка.

Оваа кампања покажа дека локалитетот претставувал исклучителен доцноантички и рановизантиски пункт во североисточна РС Македонија, со една солидна археолошка стратиграфија која на ваков мал простор ретко може да се сретне на локалитетите во РС Македонија. Сите хоризонти на живеење евидентирани на Градиште (предисторискиот, доцноатичкиот-рановизантискиот и средновековниот), како и архитектонски целини заедно со движниот археолошки материјал, бараат повеќе средства за да се истражи овој локалитет и сооодветно валоризира согласно законската регулатива.

Големина на фонт
Контраст