Уредена нова локација за спорт во основното училиште „Илинден“

Во основното општинско училиште „Илинден” од Крива Паланка се одржа промотивен настан на кој е претставенa новата уредена локација за спорт за развој.

Теренот во училишниот двор на ООУ „Илинден” е опремен и разубавен и претставува нова урбана локација, втора во општината во рамки на проектот „Спорт за сите” што го имплементираат ТАКТ и локално партнерство „Спорт за развој” од оваа општина, во соработка со локалната самоуправа на општината, поддржан од ГИЗ Северна Македонија.

Денешната активност е втора во општината во рамки на проектот Спорт за сите што втора година по ред се реализира во Крива Паланка и се радувам што младите од ова училиште и овој реон ќе имаат можност да се дружат и развиваат во подобри услови. Радува фактот дека ова е проект со кој создадовме стабилна мрежа од локални инструктори за спорт за развој кои се првите во државата и со нив продолжуваме да работиме и соработуваме, но се радувам и што поддршката за оваа програма доаѓа токму од овој град и се надевам дека ќе продолжиме да растеме заедно, да создаваме уште нови можности и перспективи за инклузија на младите, изјави Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ.

Во ООУ “Илинден” беа поставени нови стативи за фудбал и ракомет, како и два нови коша, а со урбани графити и декоративни цртежи што ги изработи професорката по ликовно, Пепица Стојчевска, беа разубавени дел од спортската сала и пристапот до спортскиот терен зад училишната зграда.

Благодарност до ТАКТ и ГИЗ за ова што го гледаме денес овде, и за опремата но и за активностите што се реализираат со дечињата, зашто вашите тренери и спортски работници ги поттикнуваат и охрабруваат младите да се занимаваат со спорт.Ова е особено важно не само во услови на пандемија со Ковид-19, туку и воопшто во текот на целиот живот, и не е само за младите,туку и за повозрасните. Мора да кажам дека со вашата иницијатива за уредување на теренот кај ученичкиот дом, започна серијата активности за уредување на вкупно седум локации за спорт и рекреација во градот, финансиски поддржани од домашни и странски донатори. Исто така се планира и во следниот период да бидат уредени повеќе спортски терени, како и спортската сала на ова основно училиште, така што, мора да кажам дека се вложува многу во подобро утре за сите млади, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

На настанот тројца ментори за спорт за развој од Крива Паланка и Ранковце, Лида Тричковска, Жаклина Јовановска и Севда Давидовска спроведоа сесија мали игри за развој со дечиња од 8 до 13 години.

 

 

 

 

 

Големина на фонт
Контраст