Промоција на проект за унапредување на здравјето и соработката на младите од пограничниот регион

Североисточниот плански регион од РС Македонија заедно со Фондацијата „Профилактика за здравје” од Благоевград, Република Бугарија, го претставија проектот со кој до крајот на ноември годинава преку низа активности ќе се унапредуваат туристичките капацитети во двата региони за унапредување на здравјето и соработката на младите и лицата со посебни потреби.
На денешната прес конференција во Крива Паланка директорот на Североисточниот регион (СИПР), Младен Протиќ, ги претстави досегашните и тековни активности и ги најави претстојните.
– Проектот има главна цел промоција меѓу младите на важноста за зачувување на здравјето и спортскиот туризам во прекуграничниот регион и градовите Крива Паланка и Благоевград, со вклученост на ранливите категории лица, а ќе придонесе за унапредување на  соработката меѓу регионалните чинители во областа на одржливиот туризам. Овој проект се реализира во соработка со Општина Крива Паланка со вкупен буџет од 94.742 илјади евра кои се финансираат 85 отсто од Европски фондови, од ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, а 15 отсто финансира Министерството за локална самоуправа, изјави Протиќ.
Периодот за имплементација е 15 месеци, отпочна во август 2019 година, а краен рок за реализација е ноември 2020.
-Планирани се пет главни активности, од кои првата, истражување и анализа на постоечките туристички локалитети, со категоризација и публикација се спроведени, понатаму, во Благоевград ќе се воспостави здравствен и туристички центар за вмрежување што ќе обезбеди бесплатни здравствени услуги за младите и лицата со посебни потреби од двете општини и регионот, во Крива Паланка веќе се во фаза на изградба мини голф терен и фитнес зона на отворено во кејот на Крива Река, а покрај промотивни и завршни конференции и тркалезна маса, ќе се спроведат и петдневни работилници за здравство и туризам за младите и лицата со попреченост,  додаде Протиќ.
На настанот со видео-обраќање се вклучи  координаторот на проектот од Бугарија, претседател на Фондацијата „Профилактика за здравје”, доктор Димитриј Маникатов, кој истакна дека е задоволство Благоевград и Крива Паланка заедно да работат во насока на унапредување на соработката меѓу регионалните актери за одржлив туризам, а пред се во насока на унапредување на здравјето на младите, преку планираните едукативни работилници за навики за здрав живот и натпревари меѓу младите кои се со интенција да бидат традиционални.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски истакна дека со овој проект и сите тековни проекти се работи на постојано зголемување на бројот на терени и капацитети, потенцијали за развој на спортот во градот.
– Во овој период се градат шест различни видови спортски содржини во Крива Паланка, вчера дополнително добивме повик од Фудбалската федерација на РС Македонија дека по изградбата на атлетската патека и уредување на стадионот од страна на општината, тие се заинтересирани да вложат дополнително во доуредување, а покрај овој проект кој е финансиски поддржан од ЕУ, во фаза на потпишувањето сме на договорот на уште еден, со кој ќе се уреди пешачка патека покрај Бабин Дол, до манастирот Свети Јоаким Осоговски, рече Мицевски.
Можност за дружење на младите од двете страни на границата ќе имаат дваесеттина лица кои во рамки на проектот во претстојниот период по отворањето на границите, ќе бидат дел од тридневен настан во Благоевград.

 

Големина на фонт
Контраст