Кривопаланечките пингпонгари обезбедија учество во првата македонска пинг-понг лига

По победата над екипата на пингпонгарски клуб „Студент” од Скопје, кривопаланечките пингпонгари обезбедија учество во првата македонска пинг-понг лига за следната натпреварувачка сезона.

-Екипата на пингпонгарски клуб „Крива Паланка 2007″ оваа сезона 2018/19, се активираше по пауза од седум години, каде во источниот регион завршивме на првата позиција. Во бараж мечот против ППК „Студент” со четири наспрема два остваривме значајна победа и успеавме да оствариме пласман во првата пинг-понг лига за следната сезона, информира Мартин Стаменковски, претседател на клубот и активен играч во тимот.

Сезонава, 2018/19, за ППК „Крива Паланка 2007″ настапуваа: Мартин Стаменковски, играч и тренер на тимот, Андреја Станојковски, Мики Петровски, Симе Стефановски, Игор Јовановски, Игор Костадиновски.

– Клубот го формирав заедно со група ентузијасти во 2007 година. Кристијан Станојковски, повеќекратен државен првак е дете на нашиот клуб, а нашиот клуб има дадено повеќе репрезентативци: Мики Петровски, Филип Костадиновски, Стефан Младеновски. Како стручен кадар тренери и селектори на репрезентацијата од нашиот клуб потекнуват, Јованче Станојковски и Мартин Стаменковски. По големиот успех во сезоната 2010/11, кога станавме шампиони во супер лигата, веќе следната сезона поради финансиски проблеми престанавме со активно учество во лигата, за да сезоната која измина се активираме повторно преку учество во втората лига, а веќе се пласиравме и во првата лига, информира Стаменковски.

За претстојната сезона од клубот најавија и неколку засилувања, како и почеток на младинска школа, која, како што истакнаа, не отпочнала досега поради немање просторни услови, сала за тренинг на располагање.

Стаменковски им се заблагодари  на сите чинители,  помагачи и активни учесници во остварувањето на овој успех.

Пингпонгарски клуб „Крива Паланка 2007″ е најуспешен клуб во градот во машка конкуренција, со шампион и првак во сениорската конкуренција, поединечно и државен првак во екипна конкуренција.
Големина на фонт
Контраст