Во Крива Паланка одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и претставници од општинската администрација, денес ги посетија штитениците од Одделението за дневен престој на лица со попреченост.

Во оваа пригода, беа врачени грејни тела за просториите од дневниот центар, како донација од Општината, а скромни подароци донесоа и претставниците од Училишната заедница од СОУ Ѓорче Петров, заедно со менторката Елена Ѓорѓиевска.

Со многу радост, восхит и израз на голема благодарност, штитениците од Дневниот центар, ги примија подароците и возвратија со пријатни прегратки, широки насмевки и  музички изведби.

-Потребна е поголема и континуирана грижа, подобро разбирање и пристапност на институциите за потребата од интеграција на овие лица во сите сегменти од социјалниот, економскиот и културниот живот во заедницата во која живеат и во таа насока локалната самоурава, во рамки на својата надлежност континуирано инвестира во подобрувањето на инфраструктурните и други услови за овие лица, рече градоначалникот Мицевски.

Во текот на средбата, градоначалникот предложи и иницијатива за воспоставување на еден интерактивен принцип на соработка на штитениците од овој центар со децата од средното училиште, преку формирање на креативни работилници и заеднички тимови за изработка на конкретни предмети, креации, творби и слични содржини, а се во насока на подобрување на инклузивноста и интеграцијата на овие лица.

– Благодарност до градоначалникот што секогаш наоѓа време и простор да не посети. Денес имавме голема радост од нашите деца, заради донацијата која ја добија. Ние како установа имаме зацртано јасна цел, што е можно поголема интеграција на овие деца со пошироката средина со цел тие да се социјализираат и да станат независни граѓани на нашата држава и општествено корисни личности, изјави Гоце Цветковски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.

Во рамки на одбележувањето на овој ден, свое учество имаше и ТППЕ од Крива Паланка, кои за штитениците од Дневниот центар подговитвија кратка презентација на противпожарните апарати и возила.

Големина на фонт
Контраст