„Интерпретација на драмски текстови во монолошка форма“ на актерката Елизабета Стефановска

Во фоајето на Националана установа Центар за култура, Крива Паланка синоќа актерката Елизабета Стефановска интерпретираше драмски текстови во монолошка форма, по повод месецот на книгата.

Текстовите од Петре М. Андреевски, Михали Ренџов, Митко Маџунков, Блаже Миневски и Венко Андоновски низ драмско-музички перформанс прозвучеа со силни емоции низ изведбата на младата кривопаланчанка, актерката Стефановска.

-Ова се особено впечатливи индивидуални емоционални изблици на еден млад уметник предизвикани од местото и времето во кое живееме и твориме. Добро познатите и вечни цитати, пасуси со вонвременски пораки на книжевните великани од Македонија ја пренесоа силната порака на значењето на јазикот и културата за народот, порача Стефановска.

Настанот е дел од редовата годишна програма на НУ Центар за култура, Крива Паланка која вклучува книжевни, ликовни и музичко-сценски изведби со цел анимирање на широк круг публика и збогатување на културната понуда на градот.

Елизабета Стефановска е родена 1982 година во Крива Паланка. Дипломира во 2005 година на Национална академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов” во Софија, Република Бугарија, актерско мајсторство на драмски театар. Во нејзината тринаесетгодишна актерска драмска кариера има одиграно стотина улоги на сцените на разни театри во Македонија, како и во соседна Бугарија и во регионот.

Големина на фонт
Контраст