ЈАВЕН ПОВИК за прибирање предлог-проекти, програми и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Крива Паланка за 2027 година

Врз основа на член 4 од Правилникот за утврдување на постапката за прибирање предлози за проекти, програми и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Крива Паланка и за евалуација на извештаите за нивната реализација, бр. 08-5097/1 од 16.10.2026 година, Градоначалникот на Општина Крива Паланка, на ден 21.10.2026 година, објавува:

ЈАВЕН ПОВИК

за прибирање предлог-проекти, програми и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Крива Паланка за 2027 година

I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Предмет на Јавниот повик можат да бидат:

  • проекти, програми и програмски активности предложени од апликантите како сопствени иницијативи кои се пријавуваат на јавен повик;

  • проекти, програми и програмски активности што произлегуваат од програмските определби и потребите на Општината, за чија реализација преку јавен повик се избира организатор.

II. ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество на Јавниот повик имаат физички лица со живеалиште на подрачјето на Општина Крива Паланка (уметници и самостојни уметници) кои вршат дејност од областа на културата и правни субјекти кои вршат дејност од областа на културата и се регистрирани на подрачјето на Општина Крива Паланка (установи од областа на културата, здруженија на граѓани, фондации и други правни субјекти регистрирани на територијата на Општина Крива Паланка), согласно Законот за културата и другите позитивни законски прописи во Република Северна Македонија.

Секој апликант може да поднесе само едно барање по Јавниот повик, но истото може да опфаќа реализација на повеќе настани или активности поврзани со областа за која се аплицира.

Апликантите кои имаат неисполнети обврски кон Општина Крива Паланка врз основа на претходно склучени договори или одобрени финансиски средства, вклучително и обврски за доставување извештаи или за поврат на средства, имаат право да учествуваат на Јавниот повик. Оценувањето на пријавата и вклучувањето на проектот, програмата или програмската активност во Програмата усвоена од Советот на Општина Крива Паланка не создаваат право на исплата на финансиски средства.

III. ОБЛАСТИ ЗА УЧЕСТВО НА АПЛИКАНТИТЕ

Општина Крива Паланка ќе разгледува предлог-проекти, програми и програмски активности од следниве области:

1. Изведбени уметности

  • Негување и презентација на националното драмско и музичко-сценско творештво од различни уметнички стилови и жанрови со застапеност на традиционални и современи автори;

  • работилници со млади, како и со лица со посебни потреби, од областа на драмските и музичко-сценските уметности;

  • поддршка на театарски фестивали;

  • презентирање и промоција на македонскиот фолклор;

  • презентирање на македонскиот фолклор на фестивали и манифестации што се одржуваат во градови од други држави со кои Крива Паланка има воспоставено соработка, за што задолжително се доставува покана од организаторот на манифестацијата.

2. Музички уметности

  • Промоција и изведба на музички дела и творештво со стилска и жанровска разновидност;

  • поттикнување и изведба на нови музички форми и изрази;

  • поддршка на музички фестивали и македонски музичари;

  • поддршка на концерти на млади музичари – изведувачи и композитори;

  • поддршка на концерти на отворени јавни простори.

3. Визуелни уметности и уметност на новите медиуми

  • Ретроспективно-монографски изложби од особено значење за Општина Крива Паланка што одразуваат континуитет во уметничкото дејствување на територијата на општината, потврдени од ликовната критика и историјата на уметноста;

  • самостојни, групни и други проекти од земјава што ги промовираат современите уметнички форми и изрази и придонесуваат за развој на современиот ликовен јазик во општината;

  • промоција и развој на современата урбана уметност со акцент на користење на јавните површини, како и други алтернативни простори за презентација на уметничките дела во општината;

  • поддршка на филмска уметност;

  • изложбени проекти од областа на креативните индустрии;

  • изложби и проекти на млади уметници од областа на визуелните уметности и уметноста на новите медиуми.

4. Издавачка и библиотечна дејност

  • Издавање книги и електронски изданија, публикации, монографии и зборници што обработуваат теми од современиот живот и историјата на Општина Крива Паланка;

  • поддршка на книжевно творештво со високи вредности од автори кои творат на македонски јазик;

  • дела со исклучителна културна вредност, монографии, стручни публикации, како и дела што се резултат на истражувачки проекти за Општина Крива Паланка;

  • издаваштво наменето за деца и млади;

  • за дела на автори со прво издание задолжителни се две рецензии;

  • за дела на автори со повеќе издадени книжевни дела задолжителна е една рецензија.

5. Промоција на културното наследство

  • Презентација, популаризација и промоција на културното и историското наследство во Општина Крива Паланка;

  • користење на културното наследство како ресурс за развој на туризмот;

  • организирање кампањи, работилници и предавања за промоција и значењето на културното наследство на територијата на Општина Крива Паланка;

  • обезбедување континуитет на традиционалните културно-уметнички манифестации од локален карактер.

6. Креативни индустрии

  • Поддршка и иницирање нови активности за развој и поттикнување на креативните индустрии и организирање фестивали за креативни индустрии;

  • создавање услови за работа во областите на креативните сектори (ИТ, нови медиуми, видео-филм и анимација, современ продукт-дизајн, индустриски, моден, мебел-дизајн и друго);

  • промоција на вредности, производи и услуги од областа на креативните индустрии, како што се дизајн (индустриски, графички, моден дизајн), мебел-дизајн и архитектура, аудиовизуелни уметности, нови медиуми, ИТ-технологии, изведбени уметности и други;

  • поттикнување на претприемачките и бизнис-вештините кај младите, уметниците, дизајнерите и поединците/групите во рамките на креативните сектори;

  • стимулација, реализација, презентација и развој на креативните потенцијали кај децата и младите за остварување креативни проекти.

IV. ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Апликантите се должни да ја достават следнава документација:

1. Правни субјекти – установи од областа на културата, здруженија на граѓани, невладини организации, фондации и други правни лица:

а) Пополнета пријава/апликација, која ќе биде објавена на веб-страницата на Општина Крива Паланка: https://www.krivapalanka.gov.mk/;

б) Копија од тековна состојба за регистрирана дејност, не постара од шест месеци, издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија;

в) Потврда од банка за отворена и активна трансакциска сметка;

г) Референтна листа за претходно организирани и реализирани проекти, програми, програмски активности и манифестации во последните три години.

2. Физички лица – уметници и самостојни уметници:

а) Пополнета пријава/апликација, која ќе биде објавена на веб-страницата на Општина Крива Паланка: https://www.krivapalanka.gov.mk/;

б) Кратка биографија или CV на апликантот;

в) Доказ за жителство во Општина Крива Паланка;

г) Најмалку една референца за претходно реализирана уметничка активност;

д) Копија од предната страна на трансакциската сметка, исклучиво лична на апликантот, а не ополномоштена од трето лице. Доколку барателот е малолетно лице, трансакциската сметка треба да биде исклучиво лична на барателот и ополномоштена од родител/старател.

Со пријавата апликантот доставува предлог-проект, програма или програмска активност со детално образложение и финансиски план за реализација во соодветна финансиска рамка. По потреба, може да се достават и други документи и материјали за дополнително појаснување на предлогот.

V. НАЧИН И РОК ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ

Јавниот повик трае 15 (петнаесет) дена од денот на неговото објавување, односно од 21.10.2026 до 04.11.2026 година.

Пријавите со потребната документација се доставуваат во затворен плик, преку Архивата на Општина Крива Паланка, до Одделението за јавни дејности, на следнава адреса:

Општина Крива Паланка
ул. „Св. Јоаким Осоговски“ бр. 175
1330 Крива Паланка

На пликот задолжително треба да стои назнаката: „Јавен повик за финансирање на предлог-идеи од јавен интерес во областа на културата на Општина Крива Паланка за 2027 година“

Нема да бидат разгледувани пријави доставени по истекот на рокот на Јавниот повик, пријави доставени по електронска пошта и рачно пополнети предлог-проекти, програми и програмски активности.

Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат.

VI. КРИТЕРИУМИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ И БОДИРАЊЕ

Пријавите што ги исполнуваат административните услови ќе бидат оценувани и бодирани согласно следниве критериуми:

Критериум

Вредност на бодови

Квалитет на предложената програма/проект

20

Културно значење за Општина Крива Паланка

15

Оправданост на предложените трошоци

15

Искуство и капацитет на подносителот

15

Континуитет на програмата/активноста

10

Јавен интерес

25

Вкупно

100

Пријавите што ќе остварат најмалку 60 бодови се сметаат за прифатливи и можат да бидат предложени за вклучување во Програмата за активностите на Општина Крива Паланка во областа на културата и културните манифестации за 2027 година.

По завршувањето на Јавниот повик, Комисијата, во рок од 15 дена, ги разгледува пристигнатите пријави, врши проверка на нивната административна исправност и оценување на исполнетоста на условите и критериумите утврдени со Јавниот повик.

Врз основа на спроведената постапка за евалуација и добиените бодови, Комисијата утврдува предлог-листа на прифатливи проекти, програми и програмски активности и ја доставува до Градоначалникот на Општина Крива Паланка.

Врз основа на доставената предлог-листа и расположливите финансиски средства, Градоначалникот ја предлага Програмата за активностите на Општина Крива Паланка во областа на културата и културните манифестации до Советот на Општина Крива Паланка за донесување.

VII. ОДОБРУВАЊЕ И ИСПЛАТА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА

Вклучувањето на предлог-проект, програма или програмска активност во Програмата на Општината не создава право на исплата на финансиски средства.

По започнување на примената на Програмата за активностите на Општина Крива Паланка во областа на културата и културните манифестации, апликантот чиј проект или програмска активност е предвиден со Програмата доставува барање за одобрување и исплата на финансиските средства.

Врз основа на поднесеното барање, исполнетоста на условите утврдени со Правилникот и Јавниот повик, расположливите финансиски средства и извршената проверка на претходните обврски на апликантот, Градоначалникот донесува решение за одобрување или одбивање на барањето.

Со апликантот за кого е донесено решение за одобрување на финансиските средства се склучува договор со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски во врска со реализацијата на одобрениот проект, програма или програмска активност и користењето на средствата.

VIII. ОБВРСКИ НА КОРИСНИЦИТЕ НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА

Корисниците на финансиските средства се должни одобрените средства да ги користат наменски, исклучиво за прифатливи трошоци поврзани со реализацијата на одобрениот проект, програма или програмска активност.

Средствата се исплаќаат на трансакциската сметка на апликантот, а трошоците се исплаќаат исклучиво од трансакциската сметка на апликантот. Подигање готовина за исплата на трошоци нема да се признава.

По завршувањето на проектот, програмата или програмската активност, апликантот доставува извештај за реализацијата, кој содржи наративен и финансиски дел, со приложени фактури и соодветна документација како доказ дека активностите се реализирани и средствата се наменски потрошени.

Извештајот се доставува најдоцна до 15 јануари 2028 година за средствата одобрени за 2027 година.

Доколку при евалуацијата на извештајот се утврди некоректна, нецелосна или ненаменска употреба на средствата, Општина Крива Паланка има право да побара поврат на дел или на целокупниот износ, согласно Правилникот и склучениот договор.

IX. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Јавниот повик се објавува на огласната табла и на веб-страницата на Општина Крива Паланка: https://www.krivapalanka.gov.mk/


ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
Градоначалник
Сашко Митовски

ПРИЈАВА

Правилник-Култура

Култура-Јавен повик