Со свечена академија, во присуство на претставници на институциите, гости од збратимените и партнерските градови и бројни сограѓани, Крива Паланка го одбележа 8 Октомври – Денот на ослободувањето на градот. Во фокусот на свеченоста беа луѓето, организациите и нивните достигнувања што оставиле значаен белег во локалната заедница и придонеле за афирмацијата на Крива Паланка во национални и меѓународни рамки.
На академијата беа доделени традиционалните Осмооктомвриски благодарници, признанија и награди за 2026 година, со кои Општината им оддаде почит на општествената одговорност, научниот и културниот придонес, спортските успеси и посветеноста кон зачувувањето на локалното наследство.
Осмооктомвриски благодарници добија ДГПТУ „8-ми Октомври“ и ДПТУ „Малеш Димча“ ДООЕЛ од Крива Паланка, за покажаната општествена одговорност, негувањето на традицијата и поддршката на локалната заедница.
Осмооктомвриски признанија им беа доделени на:
Проф. д-р Крсте Димитровски, за афирмацијата на градот преку научната дејност и промоцијата на македонската култура и националниот идентитет;
Страхил Алексиќ, за придонесот во драмското творештво и зачувувањето на кривопаланечкиот дијалект;
Д-р Џемиле Берат, за нејзиниот инспиративен животен пат како прва лекарка Ромка и професионалниот придонес; и
Димитринка Митка Анастасова Котуровиќ, за трајниот придонес во зачувувањето на историјата и родословието на Крива Паланка.
Признанија за спортските достигнувања и развојот на спортот добија:
ППК „Крива Паланка“, за долгогодишните врвни резултати во македонскиот пинг-понг;
Бранко Павловски, за повеќедеценискиот придонес во кривопаланечкиот фудбал;
Вукашин Јовановиќ, за освоената титула светски универзитетски шампион во карате, како и
Жарко Ангеловски и Стевче Христовски, за нивниот придонес во карате-спортот, работата со млади таленти и афирмацијата на градот.
Признанието за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка за 2026 година му беше доделено на Виктор Петровски, за извонредниот придонес во развојот на кошаркарскиот спорт, како најмлад тренер во државата со освоена шампионска титула во Првата женска лига, на чело на ЖКК „Крива Паланка“, како и за неговата работа како селектор на женската јуниорска репрезентација на Македонија и афирмацијата на градот на национално и меѓународно ниво.
Највисокото општинско признание – Осмооктомвриската награда за 2026 година – му беше доделено на МЛК „Св. Јоаким Осоговски“, предводен од Јордан Михајловски, по повод 40-годишниот јубилеј, за меѓународната афирмација на Крива Паланка и трајниот придонес кон културниот развој и промоцијата на општината.
Свечената академија беше потсетување дека зад развојот и препознатливоста на еден град стојат луѓето – нивниот труд, знаење, талент и посветеност. Од науката и културата до спортот, општествената одговорност и зачувувањето на локалната историја, секој од овие придонеси е дел од заедничката приказна на Крива Паланка.
Одбележувањето на 8 Октомври е и почит кон генерациите што се избориле за слободата и кон сите што низ годините го граделе градот, но и поттик за заедничка одговорност кон неговата иднина.
Честит 8 Октомври, Крива Паланка!
Обраќање на градоначалникот Сашко Митовски:




