Отворено 18. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ – Тони Михајловски е лауреат за 2026 година

Крива Паланка повторно е град на театарот. Со свечен настан во Општина Крива Паланка денес беше отворено 18. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, а во рамки на свеченоста беше прогласен и овогодинешниот лауреат, истакнатиот македонски актер Тони Михајловски.
Со ова, фестивалот и годинава ја продолжува традицијата која веќе 18 години ги поврзува театарската уметност, публиката и градот, создавајќи простор за средби на различни театарски естетики, јазици и авторски изрази.
Во наредните девет фестивалски денови, до 6 октомври, сцената на НУ Центар за култура во Крива Паланка ќе биде местото на кое ќе се сретнат девет театарски продукции од Северна Македонија, Србија, Бугарија и Црна Гора.
18-то издание, кое го означува и полнолетството на фестивалот, носи продолжување на една културна приказна што низ годините прерасна во препознатлив дел од културниот живот на градот. Низ неговата сцена поминале бројни значајни театарски имиња и претстави, а фестивалот оставил зад себе средби, аплаузи и спомени што ја надминуваат секоја поединечна фестивалска програма.
Тони Михајловски – лауреат на фестивалот за 2026 година
Централниот свечен момент на отворањето беше прогласувањето на Тони Михајловски за лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.
Признанието му се доделува за неговиот исклучителен актерски талент, повеќедецениската посветеност на актерската професија и трајниот придонес кон македонската култура и театарската уметност.
Со своите бројни улоги, Михајловски остави препознатлив белег на македонската актерска сцена, градејќи ликови кои со години живеат во сеќавањето на публиката.
Неговото име со овогодишното признание се придружува кон листата досегашни лауреати на фестивалот, меѓу кои се Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Петар Темелковски, Мето Јовановски, Коле Ангеловски, Никола Ристановски и Игор Џамбазов.
Така, фестивалот во своето полнолетство, не само што ја продолжува традицијата на препознавање и почитување на значајните актерски достигнувања, туку уште еднаш потврдува дека театарот најсилно живее преку луѓето кои му го посветиле својот талент, својата работа и својот живот.
На свеченоста, признанието на овогодишниот лауреат му го додели градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој во своето обраќање се осврна на значењето на фестивалот, неговото 18-годишно траење, развојот на културниот живот во општината и потребата културата да остане достапна и блиска до младите.
„По 18-ти пат, под името на нашиот патрон Св. Јоаким Осоговски, Крива Паланка станува дом на театарот“, истакна градоначалникот Митовски, посочувајќи дека фестивалот низ годините прераснал во место каде се среќаваат различни јазици, перспективи и емоции.
Тој воедно нагласи дека, грижата за културата е и грижа за можностите што ги имаат граѓаните, особено младите, да се сретнат со уметноста, да го развиваат својот талент и да создаваат во сопствениот град. Во таа насока, посочи дека во изминатите пет години во културниот развој на општината биле вложени над 50 милиони денари.
Со поддршката на Општина Крива Паланка, фестивалот и во своето 18. издание продолжува да ја гради врската меѓу уметниците и публиката, меѓу традицијата и новите генерации.
Во наредните девет дена Крива Паланка ќе живее со театарот, а сцената на НУ Центар за култура ќе понуди девет фестивалски претстави од земјата и регионот.
Вечерва завесата ќе се крене за 18. пат.
Фестивалот „Свети Јоаким Осоговски“ го слави своето полнолетство со театар, со средби и со уште една генерација уметници и публика кои ја продолжуваат приказната што започна пред осумнаесет години.

 

Говор на градоначалникот Сашко Митовски