Со моќен вокал, искрена емоција и длабока почит кон македонската музичка традиција, Елена Андоновска приреди незаборавна музичка вечер во чест на легендарната Васка Илиева, пред бројна публика на Градскиот плоштад во Крива Паланка.
Концертот „Од Македонија во туѓина“ ја обедини публиката од сите генерации во вечер исполнета со најубавите македонски народни песни, препознатливи мелодии и стихови што со децении се дел од музичката меморија на македонскиот народ. Со својата интерпретација, Андоновска на сцената ја донесе посебната емоција на песните на Васка Илиева, создавајќи атмосфера во која се пееја познатите рефрени, се будеа спомени и се редеа аплаузи.
Пред кривопаланечката публика повторно оживеа музичкиот свет на Васка Илиева – доајенка на македонската народна песна, со единствен глас, препознатлива интерпретација и богат музички опус, која остави неизбришлива трага во македонската култура. Нејзините песни, создадени и интерпретирани со силна емоција и љубов кон македонската традиција, и денес живеат меѓу генерациите и се пеат со еднаква посветеност и љубов, во Македонија и меѓу Македонците ширум светот.
Преку концертот „Од Македонија во туѓина“, Елена Андоновска ѝ оддаде заслужена почит на големата музичка легенда, но истовремено испрати и силна порака за значењето на зачувувањето, негувањето и афирмирањето на македонската народна песна како дел од националното културно наследство.
Исполнетиот плоштад, задоволната публика, аплаузите и заедничката песна беа потврда дека македонската народна музика и денес има моќ да ги поврзе генерациите и да создаде вечери што остануваат во убаво сеќавање.
Концертот беше уште една содржајна и емотивна вечер во рамки на „Кривопаланечко културно лето 2026“, посветена на македонската песна, традицијата и музичкото наследство што продолжува да живее низ новите генерации.




